Колумна на потпретседателката на СДСМ Фросина Ременски за порталот Цивил Медиа, 05.05.2017
Две години по протестите против полициската бруталност и на денот на судењето за „Случајот Тврдина“, јавноста треба да дознае, едноставно, неколку непознати факти кои мора да се знаат!
Горан Грујовски, началникот на Петтата управа во УБК, армиски кадар, дојде на позицијата „главен на 5-ка“, рака под рака со уште неколку „армиски“ другари на Сашо Мијалков. Каков систем на кариера, какви бакрачи…
Во тој „бран“ на „груевизирање“ на безбедносниот систем, покрај многу други жени, ќерки, синови, снаи, кумови и ресто-родбина, од приватен стопанственик, сопругата на Горан Грујовски (биолог) со изнудена диплома од постдипломски студии на приватен универзитет, без конкурс се вработува во МВР и сега води еден многу важен сектор во МВР кој (замислете!) треба да го европеизира МВР на патот кон ЕУ(!?)
Но, можеби овој непотизам и фамилијаризација на МВР, нема да беа толку битни, ако СЈО не ја отвори истрагата „Титаник“ – за уништувањето на опремата од Грујовски и дружината, според која, со години наназад се прислушувало сè што е контра Партијата/Мафијата.
Грујовски кој пред Дисциплинската комисија кажал и „повеќе од што треба“, од куќен притвор што му беше одреден, и од оправданата суспензија од работното место, за брзо време Фамилијата го рехабилитира – го враќа на работа.И му дава позиција (која ја извршува и денес) – координатор за оператива во кабинетот на новиот директор на УБК?!
Замислете ја иронијата и ненаивноста на диверзантско-терористичката акција во Собранието на Република Македонија, која имаше за цел – атентат и политички убиства на идниот премиер на (Зоран Заев), на претседател на политичка партија (Зијадин Села) и на избрани пратеници во Собранието.
Имено, ако се земе предвид дека како дел од идентификуваните, приведените и неприведените лица во настанот, се неколкумина припадници на Петтата управа во УБК, задолжени за посебни задачи, и ако покрај нив, во улога на планери, координатори, логистичари, помагачи, провокатори и „заштитници“, се јавуваат Митко Чавков, одговорни лица во посебните единици на МВР, припадници на антитероризам во УБК, минимум 20-тина пензионирани и активни фамилијарни „удбаши“, заедно со други овластени службени лица, припадници на затворска и шумска полиција, разузнавачи, армиски офицери, локални бандити…, тогаш повеќе од јасно е дека осомничениот Грујовски и директорот на УБК не се помалку одговорни за настанот.
Ако дополнително се додаде идентификуваната и докажана спрега со пратеници на ВМРО-ДПМНЕ и со партиски функционери, тогаш мотивот е повеќе од јасен, а соучесништвото е непобитен факт.
Оваа, не така наивна, „показна диверзантска вежба“ која не им заврши со реализација на последната фаза, ја продолжуваат со прикривање и уништување на доказен материјал, со заплашувања на полициски службеници во вршење на службена/оперативна должност, со помагање и овозможување на бегство од прогон на осомничени/идентификувани лица, со селективна аргументација на обвиненија и барања за определување на мерки притвор од МВР/ОЈО и од Судот, како и „чудна итност“ со која заспаното Обвинителство покажува злонамерна „ажурност“…
Напомнувам, за да не остане незабележано и непрочитано од публиката на социјалните мрежи дека „учеството во толпа“ е најбенигното кривично дело со кое можете да им мачкате очи на оние јадници кои ги поведовте да влезат во Собранието, мислејќи дека ја бранат Македонија.
Сè друго е еден опасен мозаик што ќе треба да го објасните, кога ќе ви дојде време да се браните, а не да глумите дека водите истраги…
Дотогаш, „трудете се“ да се прикажете како „заштитници“ !