Колумна на Дамјан Манчевски, потпретседател на СДСМ за „Слободен печат“, 22.07.2016
Конечно се постигна договор. Со месеци ДПМНЕ се обидуваше да измислува нови работи во преговорите за да нема фер и демократски избори наесен. Секако дека сè уште постои опасноста Груевски уште еднаш да се обиде да бега. Негова желба е да нема избори до 2018 година. Иако би се согласил и на избори напролет заедно со локалните. Тоа не смееме да го дозволиме. Сепак, на крајот на август ќе треба да се направи процена дали е исполнето договореното. Ако биде исполнет договорот, избори ќе има во декември.
Во оваа пригода ќе се навратам и на Предлогот за итни демократски реформи, кој на 19 јули го презентираа дел од граѓанските организации. Целосно го прочитав документот. Во однос на потребите и предлозите за реформи, целосно го поддржувам. Всушност, ако ја прочитате и најновата програма на СДСМ, која ја усвоивме во декември 2015 година, и во нашата програма ќе ги најдете буквално сите предлози за итни демократски реформи. Немаме никакви дилеми и за тие реформи цврсто се обврзуваме пред граѓаните на Македонија.
Имаме различен концепт околу имплементацијата на реформите. Во документот се бара експертска влада на неодредено време, која би ги спроведувала овие реформи. Ајде да речеме дека теоретски ќе ги најдеме овие натпартиски експерти, иако ќе биде ѓаволски тешко во нашево целосно исполитизирано општество. Воопшто не треба да се залажуваме дека бандата на Груевски ќе ги прифати кои било натпартиски експерти. Груевски и бандата размислуваат поинаку. Ако не си нивен, тогаш си комуњар. За нив нема неопределени, нема експерти, нема независни… Нивна насушна потреба е да ги делат граѓаните по разни основи. Да делат и да етикетираат. Не знаат поинаку. И повторно, ако теоретски влезевме во преговори за експертска влада, тие ќе траеја со месеци и месеци. Сетете се само дека за тројца експерти во ДИК се преговараше речиси еден месец.
Вториот проблем со експертската влада е дека таа би требало да добива поддршка во Собранието. Во истото она Собрание во кое Груевски и бандата имаат значително мнозинство. Во комбинација со нивниот сателит ДУИ, фактички таа експертска влада, дури и да се формираше ќе беше цело време во заложништво на Никола Груевски.
Истото важи и за процесот на преговорите, кои најискрено се надевам дека завршија. Многу луѓе имаа различни очекувања од преговорите. Од мнозинството кои очекуваа дека ќе се договориме само за основните работи поврзани за организација на избори што се случи, до оние што очекуваа дека преку преговорите ќе се решат сите проблеми во државата. Не се преговорите мегдан за решавање на сите проблеми. Не може преку преговори на маса на која седат ДПМНЕ и ДУИ да се очекува имплементација на сите итни приоритетни демократски реформи, па после да се оди на избори. Тоа едноставно не е можно. Груевски и бандата, кои сè уште ги контролираат ДПМНЕ и ДУИ, на тоа никогаш нема да се согласат. Ќе влезевме во процес на вечни преговори, избори ќе немаше ниту во 2018 година затоа што како што и сега тоа го правеа, ќе влечкаа, ќе измислуваа, ќе бегаа, а од реформите ништо немаше да видиме.
Друго е решението на проблемот. За воопшто да има шанса да се спроведат демократските реформи, за да се обезбеди подобар живот на сите граѓани, за да излеземе од оваа десетгодишна криза, потребно е да го победиме Никола Груевски. Потребно е да дојде до смена на власта. Обезбедивме да нема шанса да се крадат гласови. На Избирачкиот список ќе ја има и фотографијата од лична карта на секој граѓанин. Обезбедивме да важи правилото еден човек – еден глас. Во медиумите ќе треба да се случат промени. Не очекуваме револуционерни чуда, но минимум професионалност ќе има. Ќе се врати преодната влада, со која ќе се спречи злоупотребата на полицијата, социјалната помош и субвенциите во изборни цели. Ако сите овие услови се исполнети, останува на нас граѓаните. Ниту вечни преговори, ниту странци, ниту медиуми, ниту вонземјани ќе ни го решат проблемот.
Затоа, другари шарени, леви, десни, неутралци, еуфорични, разочарани, партиски определени и неопределени, време е за работа. Доста беше преговарање. Доста беше коментирање по кафеани. Доста беше мудрување на Фејсбук. Сега е на нас, заедно на сите граѓани на Македонија. Да се обединиме и политички во оваа борба против ова наше заедничко зло. Заеднички делиме добро и лошо. Сите заедно патиме од овој режим веќе цела деценија. Конечно ни се дава шанса да го поразиме на избори. Да победиме без човечки жртви. Да покажеме дека може и поинаку. Ова нема да се обични избори. Овие избори ќе бидат референдум. Или си за Груевски или си за Македонија. Нема никакви изговори за останување дома на денот на изборите. Сами ќе бидеме виновни ако ја испуштиме победата што ни е на дофат. Ја имаме шансата конечно да ја создадеме новата држава. Онаа Македонија каква што ја сакаме. Со морални, етички, општествени вредности. Држава еднаква за сите граѓани. Во која сите уживаат во своите права, но и одговараат пред законите ако ги прекршат.
Продолжуваме со борбата. Одиме до крај, до конечна победа!