Колумна на Кире Наумов, претседател на комисијата за финансии на СДСМ за порталот Фактор.мк
Министерот за финансии Кирил Миноски, изгледа чита и различен ребаланс на буџетот од оној што е испратен во Собранието, вели во својата колумна Кире Нуамов, од СДСМ. Според Наумов, Миноски прифаќа да биде камиказа, и да ја разнесе македонската економија. Дополнително, Наумов, открива дека грчката компанија Актор им должи огромни сретства на локални подизведувачи и дека десетици од нив имаат покренато правни постапки за наплата на своите побарувања. Актор на сите нив им вели дека државата доцни со исплатите и затоа не ги сервисира своите обврски. За ваквото тврдење постои и официјална потврда од страна на Актор, кој со допис го известиле Наумов, во времето кога беше дополнителен заменик министер за финансии, дека исплатите од државата доцнат, но во април состојбата се „подобрила„
Министерот Миноски очигледно решил да биде камиказа кој е подготвен да ја разнесе Македонија, нејзината економија и граѓаните по наредба на својот господар Груевски. Очигледно министерот има еден ребаланс кој му го подметнуваат за настапи на „ибица телевизијата„ а сосема друг кој му го потпишал Пешевски и е пратен во Собранието.
Господинот Миноски треба да го види вистинскиот ребаланс и да знае дека во парламентот ќе предложи кратење на капиталните расходи за 45 милиони евра. Тоа е единствената вистина. Тоа е намалување од 10% од сумата која Ставрески ја планирал во буџетот за 2016 година. Овие средства се префрлаат во ставките за тековни трошоци и Миноски дури и наивно треба да се запраша зошто се потребни нови 18 милони евра за пензии и зошто не биле планирани со буџетот за 2016, ако зголемувањето е најавено од минатата година. Зошто се потребни нови 7,7 милиони евра за плати и придонеси? Зошто се зголемува ставката за камати по кредити за 18% или за 17,3 милиони евра?
Зошто се зголемени патните и дневните расходи за 244.000 евра и сега се предвидени 15,5 милиони евра или 42,5 илјади евра дневно за патни трошоци и дневници доколку се работи 365 дена во годината?
Миноски е наивен ако му кажале дека може да ги интензивира работите околу Коридорот 10, бидејќи знае и свесен е дека таму работите доцнат, има истрага, а на главниот изведувачот му се должат исплати од државата. Миноски прифаќа да биде камиказа, иако знае дека Актор им должи огромни сретства на локални подизведувачи и дека десетици од нив имаат покренато правни постапки за наплата на своите побарувања. Актор на сите нив им вели дека државата доцни со исплатите и затоа не ги сервисира своите обврски. За тоа постои и официјална потврда од страна на Актор, кој со допис до мене како дополнителен заменик министер потврдува дека исплатите од државата доцнат, но во април состојбата се „подобрила„. Иста е состојбата со гасификацијата. Миноски или знае и се прави недоветен или го манипулираат. Тој треба да знае дека подготовките на терен не се ни започнати. Потпишан е само еден тендер, а средствата се обезбедени со кредит од Дојче Банк. Затоа нема основа за издвојување на нови средства оваа година. Потребно е траншите од Дојче Банк да почнат да се реализираат. Освен ако тие веќе почнале да се користат, ама за буџетски потреби, што е ново злодело. Впрочем, би требало да се сеќава дека тоа беше и смислениот начин зошто за овој проект се „откачи“ понудата за финансирање од Светска Банка.
Конечно, камиказата Миноски треба да биде свесен дека неговата употребна вредност за Груевски на функцијата на која се нафатил е обидот да се издаде нова еврообврзница, а тој да ја потпише. Се друго може да му се отпише на наивност или неинформираност, но фактот дека се зголемува ставката задолжување од странски извори на 556 милиони евра тој мора да си ја земе целосно на душа. Груевски го лаже дека во декември условите на пазарот биле подобри, а некој друг ја блокирал и ја преполовил еврообврзницата. Миноски треба да ја види изјавата на Ставревски кој кажува дека 270 милиони евра се доволни за сите буџетски потреби во 2016 година. Потоа
Миноски треба да отиде и да испие кафе со Ставрески, доколку е тој волен, за да слушне како одеа на моменти извонредно тензичните разговори околу таа емисија. Да слушне како Груевски и нему му вршел притисок да ја издаде еврообврзницата на 500 милиони евра, без согласност на дополнителниот заменик министер. Свесно или несвесно, дали само затоа што е паметен или пак легалист, Ставревски оцени дека 250 милиони евра плус 20 милиони евра само како резерва за бегалската криза се доволни, и дека е неопходен потпис од страна на СДСМ и опозицијата. Тој очигледно не го издржа притисокот и тоа не го почитуваше околу домашните аукции, но скоро сум сигурен дека денес горко се кае за тоа.
Конечно, Миноски мора да знае дека Законот за влада кој произлезе од „Пржино“ е и во моментов на сила, како и во декември минатата година. Тој може да продолжи да го слуша Груевски дека за потпис не се оди во затвор, ама за тоа нека побара после Ставрески, второ мислење на пример од Јанакиески. И секако, веднаш да си ангажира свои адвокати, а пред тоа добро да поразговара со странските адвокати најмени околу евентуалното издавање на нова еврообврзница.
Десетици илјади вистински камикази не успеаја да го спасат нивниот Господар тогаш кога се знаеше дека крајот е сосема блиску. Напротив, покрај другото, нивната налудничавост само ја чинеше Јапонија уште неколку илјади невини жртви. Миноски треба да се свести дека Груевски го товари со неколку стотици килограми тешка бомба во неговиот авион и го наведува да удри директно во бродот наречен Македонија.