Колумна на Кире Наумов, претседател на комисијата за финансии на СДСМ за Слободен печат, 25.06.2016 година
Класичното обложување на спортски натпревари понекогаш знае да отиде во втор план. Секако, не во масовноста и во сумите што се уплаќаат, бидејќи тие останаа и ќе останат најевтината и единствена надеж за подобар живот на огромен број граѓани во државава. Во светот многу често политичките настани или неизвесноста од некој политички исход станува главен „тип“ на кој многумина се обидуваат да заработат. Последниот таков настан беше референдумот во Велика Британија каде што тамошните обложувалници примаа милиони фунти уплата на едниот или на другиот резултат од гласањето во четвртокот. Но, во секој случај многу поголема заработка имаат оние што не се обложиле само класично на резултатот на референдумот. Најмногу тријат раце оние што биле сигурни дека Британија ќе излезе од ЕУ и кои типувале на „валутните берзи“. Падот на вредноста на фунтата за некои од играчите значат заработка од стотици милиони. Впрочем, и милијардерот Сорос, кој во 1992 година заработи богатство типувајќи против фунтата, изјави дека евентуалното гласање за излегување на Британија од ЕУ ќе иницира пад на фунтата дури и поголем од оној во познатата „Црна среда“. Според него, можно е да дојде до намалување на вредноста на фунтата од 15 па дури и 20 отсто, односно од почетните 1,46 на 1,15 американски долари за 1 фунта (во моментов, петок наутро, вредноста е 1,34 долари или пад од речиси 10 проценти).
Сега сигурно се прашувате што сето ова има врска со самиот наслов. Во секој случај, со овој подолг увод сакам да ги споменам обложувањата на настани што не се поврзани со спортот, а Сорос е секако најспоменуваното име кај нас, иако не сум баш сигурен дека тој воопшто може да не најде и на географска карта. Зборот ми е, ако случајно одиграл приближно исто како во 1992, а и без тоа, целокупнава наша режимска фукара треба да престане да се уфилмува дека човекон нема друга работа и ќе си ги валка рацете со нив.
Е сега околу обложувањата. Веднаш по оставката на Зоран Ставрески во јавноста почнаа да излегуваат многу типувања околу тоа дали ќе има следен и следни и кој или кои би биле тие. Оваа игра ја нема на нашите обложувалници, но се говори дека паѓаат многу меѓусебни облози, посебно помеѓу пониските структури на режимот. Мојот скромен придонес во оваа неизвесност би го почнал со малата анализа за оставката на Ставрески. Премногу долго и во многу наврати сум говорел и пишувал за неговите погубни економски потези и тука би било бесмислено да продолжам со тоа. Вистинската слика ќе биде уште појасна кога идната власт ќе ги открие и извади сите „засмрдени трупови (лешеви) скриени по шкафовите“ – фраза што ја користат економистите и сметководителите за ситуации кога после долго затскривање на состојбата решавате да ја покажете вистинската економска слика на некоја држава или компанија. Сите економски новинари, па и професори што важат за неутрални, ќе се каат за нивните текстови и изјави со кои деновиве бараа пофални зборови за неговото министерување. Секако, тие се помалку важни. Поважно е тоа дека благодарноста за „брилијантната“ работа на Ставрески наведувајќи ги неговите вонсериски успеси дојде само од неколку портали или поточно од еден економски портал кој во принцип имам чувство дека тој самиот го уредуваше и пишуваше. Таму се појавуваат некои режимски економски новинари кои хонорарно заработуваат награда бидејќи малце им е тоа што го земаат од МТВ или од разгласот на оној со „ибицата“, но секогаш се познаваше личниот ракопис на Ставрески. Секако, најважно е тоа дека благодарност и пофалби ниту во еден момент до сега и после десетина дена не дојде од кумашинот Груевски. На самиот ден на оставката, Груевски се изнаслика со нешто што го нарекува партиски економски тим каде што седеа знајни и незнајни Џери и Том, Спорт Били, Хипо без Чипо и слични. Самата пиар порака која ја пееше како водач лично Груевски беше во стилот на оној навивачки слоган „оди, Зоки, кој те …, може ВМРО и без тебе“. Ако тоа не ви личеше вака, тогаш споменете си за следново. Груевски последниве денови има огромен број изјави, наместени интервјуа и говори. Никаде нема наместено прашање за Ставрески. Тој е за него историја. Дури напротив, Груевски со сета енергија и заедно со неговата градоначалничка булумента го брани „двојче“. Да, да, тоа е градоначалникот Талевски за кој Ставрески сочно вели дека е најголемиот криминалец, бандит и се по ред во негов стил. Притоа сосема е нормално дека во судскиот процес Ставрески би требало да биде еден од важните сведоци.
Поентата отсекогаш ми била дека за секој оној што ќе се фати на орото со оваа криминална структура, отпуштањето е речиси невозможно. Со ова не сакам ниту во еден момент да ја оспорувам или да се сомневам во официјалната причина што ја наведе Ставрески за својата оставка. Но, дека ороводецот Груевски мислел и најверојатно инсистирал дека и со таквите проблеми Ставрески може и мора да остане фатен и да не се отпушта, имам право да се сомневам. Од таа причина на сите обложувачи им советувам да не губат пари на облози дека ќе има следен. Ова посебно се однесува за неколку економски новинари, кои се подготвени да типуваат на Пешевски. И тој многу одамна го везе орото и ако тоа не го стори пред неколку години, сега е влезен до гуша. Човекот што низ цел свет ја продава приказната дека Македонија е рај за инвестирање, а инвестира и си ја менаџира својата фирма на Кипар, тогаш нема лутење кога Ставрески од милост го споредува со најдебелокожниот јунак од цртаните филмови. Секако, „Пастел“ не се важи оти не бил негов.
Затоа, иако не знам дали обложувачите би го третирале во билтените, ама со некакви минимални шанси следен единствено би бил гувернерот Димитар Богов. Многу одамна сум напишал една колумна дека Богов е излезен од шинелот на Ставрески. Но, не само тоа. Притисокот врз него да заглави до гуша е сега огромен и ќе станува уште поголем. Требаше да се раатиса тогаш кога го натераа да се понижи себеси и сите сограѓани давајќи изјава дека странски директни инвестиции доаѓаат поради евтината работна сила, односно ниските плати и тоа не е ништо страшно. Човекот што зема една од најголемите плати во државава и тоа од парите на тие граѓани, им вели многу да не аздисуваат. Потоа би скокнал еден период и би потсетил дека наредно негово заплеткување во пајажината на режимот е изградбата на новата зграда на НБРМ според истиот рецепт како и целото СК14. И секако последниов период кога најверојатно ја пропушта една од последните шанси. Богов најпрво влезе во класична режимска хајка на опозицијата и шарената револуција и донесе катастрофална одлука за зголемување на референтната каматна стапка. Целата операција имаше цел вештачки да се набедат сите други, а не криминалците кои се подготвени на сè, за катастрофалниот негов потег што реално може да нè внесе во рецесија. Добро е што Богов издржал на притисокот, па не кажа дека лично Сорос го таргетирал денарот исто како фунтата во 1992 година. И конечно, и сите ние, а и Богов го слушал договарањето при продажбата и дилот околу „Македонска банка“. Основниот проблем при договарањето на криминална зделка е која е најниската цена која ќе помине кај тогашниот гувернер кој не е во дилот, за остатокот да биде платен во кеш. Бидејќи има многу настани, би ве потсетил дека пред кратко време Богов даде дозвола за продажба на „Алфа банка“. Цената побарајте ја и анализирајте ја вие.
И сосема на крајот. Зарем не е доволна причина човек да си даде оставка само тоа што знае дека е избран од страна на режимското мнозинство, а на предлог на оној објект што престојува во резиденцијата на Водно и сè уште се претставува како претседател на државата?