Колумна на Кире Наумов, претседател на комисијата за финансии на СДСМ за Слободен печат, 31.05.2016
Најнапред сакам да им се извинам на сите оние што имале среќа (или несреќа) да не служат воен рок во ЈНА. Ним самиот наслов им изгледа премногу чуден, а можеби и тешко ќе разберат што значи и по моето објаснување. Речиси во сите генерации војници во ЈНА, па и во мојата која беше претпоследна пред распадот на СФРЈ имаше по еден-двајца „гуштери“ што од самото доаѓање во касарната беа постојано наведнати. Знаеја повремено и да лазат по дворот на касарната, да гледаат под масата додека јадат, да се пикаат под креветот пред да легнат и да станат, да буричкаат по туѓите работи и слично. Сите заедно со старешините ги прашуваа што прават, а тие постојано одговараа дека бараат некакво ливче. Без разлика на тоа што старешините ќе ги применеа сите дозволени казни за несоодветното однесување, тие упорно продолжуваа да го бараат ливчето. Според правилата на служба на ЈНА, војниците беа испратени во здравствена установа. Се вратија со потврда дека не се способни за служење на војниот рок поради одредена дијагноза. Веднаш беа пуштени дома. Штом го пречекориле прагот на капијата од касарната, се свртеле кон дежурниот офицер кој ги спроведувал и со потврдата в рака му рекле: Кажете им на сите – ова е ливчето што го баравме цело време!
Неколкуте продолженија од едно мега-интервју сосема наликуваат на варијанта од сценариото „кај ми е ливчето“. Аболицијата тешко поминува, Шарената револуција не стивнува, а опозицијата нема намера да се пазари за прочка, па макар ова траело и уште неколку месеци додека не дојде до можност за одржување фер изборен процес. Обрачот се стега и излегувањето пред лицето на правдата станува извесност. Но, со првите делови од мега-интервјуто ќе се занимаваат понатаму други. Последниот дел од мега-крикот на очајникот најавува поставување на последната голема мина пред конечното заминување и јас малку би пишувал за тоа.
Серијалот на скандалозни продолженија на избезумениот „ловец на секти“ завршува со најавата за еден од последните удари, кои тој има намера да им го нанесе на граѓаните. Тој признава дека буџетот е во колапс и де факто најавува нова еврообврзница со која ќе се обиде да прелее уште неколку стотици милиони евра во џебовите на неговата фамилија. Јасно е денес зошто тој бега од „пржинската влада“, која и покрај сите опструкции од страна на Ставрески, стариот ДИК и судството, преку дополнителниот заменик-министер успеа барем привремено да го преполови задолжувањето од странство. Останувам и понатаму на ставот дека и сите аукции на домашниот пазар се нелегални и не смеат да паднат на товар на граѓаните. Уште во овој момент е јасно дека ист третман ќе има и евентуалното издавање нова еврообврзница која сега целосно ќе падне на одговорноста на министерот за финансии и на техничкиот премиер, бидејќи „барачот на ливчето“ кукавички сака да се скрие.
Да се навратам на обвинувањата што тој директно ги упати на моја адреса, како поранешен дополнителен заменик-министер за финансии. Вели дека сум го преполовил износот на еврообврзницата со која требало да се врати долг од 2005 година и со тоа била загрозена ликвидноста и кон фирмите и кон граѓаните. Со овој крик тој повторно се обидува да ги плаши граѓаните за нивните плати и пензии, префрлајќи ја вината кон СДСМ.
Во 2014 година, издадена е третата еврообврзница и во таа пригода неговиот кум, министерот за финансии Ставрески изјави дека со тие средства ќе се враќа долгот од првата еврообврзница издадена 2005 година, а која доспева во 2015 година. При издавањето на четвртата еврообврзница во 2015 година, за која што и зборува во својот мега-крик, повторно неговиот кум и министер за финансии изјавува дека со тие средства ќе се враќа и долгот од 2005 година. Но, не завршува тука приказната. Министерот за финансии продолжува со изјавата во 2015 година и вели дека и покрај преполувањето од 500 на 250 милиони евра, граѓаните и фирмите може да бидат спокојни. Со четвртата еврообврзница се обезбедени средства за плати, пензии, проекти за ЦЕЛА 2016 година. После тоа значи дека секој денар над ова задолжување се пари насочени за предизборна корупција и билдање на сметките на фамилијарната олигархија. Тоа не смее да им се дозволи по никоја цена, посебно не сега кога крајот е толку блиску.
Сега малку и за евтините штосови. Евтин штос за кој сигурно ќе одговараат тој и гувернерот на НБРМ е нивниот неуспешен обид да створат паника во банкарскиот сектор и на девизниот пазар, а за тоа да го обвинат СДСМ. СДСМ се однесуваше одговорно и државнички и ниту еден нејзин функционер не даде никаква изјава со која би долеал масло на огнот, туку напротив постојано тврдеше дека ова е дело на Богов, Груевски и на дел од банкарите блиски до режимот. Прв кој воопшто спомна девалвација е самиот Богов и за тоа постои запис од соодветното интервју. Набрзо ќе биде јасно дека зголемувањето на референтната каматната стапка и издавањето на државни хартии од вредност со девизна клаузула е договор во кој заработија фамилијата и дел од банкарската олигархија. Самата мерка дојде неколку дена откако пазарот беше целосно стабилен. Во финансиската сфера секогаш кога некој губи, некој друг мора да добива. Паушалната изјава на НБРМ дека граѓаните изгубиле неколку милиони евра, мора да биде проследена со тоа кој ги заработил тие милиони. Кој и зошто во услови на де факто фиксен курс така брзо заработил на курсни разлики. Но, кога како и сите други партиски војници, кои како министри, раководители и директорчиња ќе си заглавите со тендерите на пример за нова зграда на НБРМ, дозволи за купување на баки и слично, отпуштање од орото нема.
На крајот, ловецот на секти мора да објасни на која секта припаѓа самиот тој. Која е таа секта која проповеда дека кога се работи за државниот буџет најнормално е постојано да се задолжуваш и да им оставаш на граѓаните товар за идните генерации, а кога се работи за сопствениот џеб и сопствените сметки не само што не се земаат кредити, туку со плата од 1.300 евра се заштедува месечно по 10.000 евра.
П.С. Додека се појавуваше т.н. мега-интервју, се појавуваа и неколку фотографии. Единствена соодветна фотографија која беше соодветна да го следи ова писание се неколкуте варијанти на сликата „Крик“ на норвешкиот сликар Едвард Мунк.