fbpx

Бисера Костадиновска Стојчевска: Заштитата на спомениците од НОБ е меѓу приоритетите за 2023-та

Facebook
Twitter
LinkedIn

Што ќе издвоите од минатата година како најзначајно во активностите?

– Во годината што измина, кога, за жал, се соочивме со големи светски кризи и реални предизвици за нормално функционирање во секторот, ми причинува задоволство покажаната жилавост на културните работници. Успеавме да реализираме речиси сто отсто од Годишната програма и во 2023-та да влеземе без долгови. Вредно за споменување е инвестирањето во младите. Реализиравме конкурс само за млади „Цртај на македонски“, кој привлече интерес и донесе нова креативност. Можеби изгледа техничка, но од голема важност е што успеавме да ја унифицираме апликацијата за годишните конкурси. Во насока на еднаков развој на сите региони во државата формираме три нови национални институции: Камерен оркестар – Битола, Музички театар – Тетово и Музеј на Смилевскиот конгрес. Потпишавме договор со Албанија, прва успешна реституција во земјава, за враќање 20 незаконски изнесени икони од нашите цркви и манастири. Постапката што траеше речиси 10 години е завршена. Имаме блиска и конструктивна соработка со независната сцена и со претставниците на синдикатите, кои се активно вклучени во креирањето на културните политики и остварување на правата на вработените. Се привршува законот за култура и се работи на нов колективен договор. Ова беше година и на заштитата на македонскиот јазик. Имавме одлична соработка со Советот за македонски јазик, кој изготви верзија на нов закон за употреба на македонскиот јазик. Ме радува и напредокот во заштитата на скопскиот акведукт, Офицерскиот дом – Битола го прогласивме за културно наследство од особено значење, се работеше и во Курбиново, Стоби…

Еднаш спомнавте дека сакате да обезбедите подобро место за културата во медиумите и во општеството, колку сте блиску до оваа кауза?

– Културата иницира промени во општеството и е двигател за похуман развој, но во време кога речиси нема културни редакции, во ерата на дигиталните технологии, социјалните медиуми, посакувам повеќе да зборуваме за уметност. Не сум видела ТВ-вестите да започнат со вест од културата, а имавме и меѓународни успеси, премиери, светски изведувачи кај нас. Ја разбирам потребата од објава на негативни вести, афери, скандали, кои добиваат повеќе лајкови, и ако се издржани реално придонесуваат за корекција на состојбите, но чистиот уметнички чин во кој се внесени искрена љубов, професионалност и посветеност е она што недостига. Оваа тема не е едноставна и не може ниту брзо ниту лесно да се надмине, затоа треба да ја издигнеме на ниво на висока стратегиска цел.
Зошто често е потребно прекројување на буџетот за култура, какви се вашите проекции за следната година?
– Буџетот е жива материја и не секогаш може најпрецизно да се предвидат сите ставки. Лани, на пример, се соочивме со сериозни финансиски проблеми предизвикани од енергетската криза, како и од спроведување на колективниот договор. Бевме соочени со голем предизвик и со потребата од преструктурирање на постојниот буџет, со цел успешно сервисирање на сите потреби за културата, во што и успеавме. Понесени од ова искуство, работевме напорно и се надеваме дека за следнава година изготвивме реална проекција на буџетот според сите анализи и податоци со кои располагаме, но не ја исклучувам можноста во текот на годината да имаме некои нови изненадувања што ќе предизвикаат нови преструктурирања. Како и да е, ја уверувам културната јавност дека тоа ќе нема реперкусии на функционирањето на институциите и на реализацијата на програмата.

Филмаџиите се пожалија на нестабилен буџет и нерешен статус на филмските работници. Возможно ли е да се најде решение за ова прашање?

– Името на државава се споменува на сите меридијани, благодарение на еден нов бран што изминативе години трае во континуитет, а е воден во комбинација од искусни и од млади автори. Во разговор со фелата се обидуваме да креираме модел на финансирање по урнекот на европските држави, кинематографијата да може да се финансира и од алтернативни извори, како што се игрите на среќа или и од одреден процент од телекомуникациските компании. Во исто време, неопходно е да се најдат начини и за поддршка на киноприкажувањето на домашните филмови и за поголема достапност на македонскиот филм и до домашната публика. Во новиот закон за култура има одредби со кои ќе се овозможи одредени категории филмски работници да се стекнат со статусот на слободни уметници.
Колку сме свесни за важноста на зачувувањето на македонскиот јазик?
– Се покажува, за жал, неопходна потребата да повторуваме дека македонскиот јазик е темелот на нашиот идентитет. На свесноста за македонскиот јазик се работи институционално, наспроти напливот, на пример, на англискиот јазик. Ние дејствуваме преку Советот за македонски јазик, кој изготви предлог-закон за употреба на македонскиот јазик. Оваа верзија се доработуваше и се надевам дека наскоро ќе биде достапна за јавна консултација. Се надевам на негова доследна примена, зашто тоа ни недостига. Практиката бара вработени лектори во медиумите, во сите институции, бара правоговор, правилна употреба на јазикот, како и заживување на старите и отворање нови лекторати. Образованието и лекторатите се начин за ширење и афирмација на македонскиот јазик низ светот.

Кои се вашите аспирации и проекции за 2023 година?

– Јазикот, идентитетот, историјата се нашата водилка, нема дилеми. Затоа, наша обврска е да работиме на афирмација на овие темелни вредности, па оттаму, како влада донесовме одлука да ги реставрираме и да ги заштитиме сите споменици и спомен-обележја од НОБ. Повеќето се дела на основоположниците на македонската современа скулптура и се поставени на историски и прекрасни локации, па заслужуваат секојдневна грижа и поширока афирмација. Од друга страна се младите, потребата од искрена, посилна поддршка на нивните интереси, потреби, таленти. Отворено застанавме зад очекувањата и потребата за нивно активно вклучување во културниот живот на земјава, преку модели за финансирање. Нам ни треба полетна, а не разочарана младина. Наша грижа останува и културното наследство, особено заштитените добра во опасност. Заштитата е комплексна и скапа дејност, проектите се повеќегодишни и децениски. Но посветено работиме на обезбедување и меѓународни фондови и помош од меѓународни експерти, а недостигот од домашен кадар го решаваме со договор со УКИМ за стипендирање дефицитарни кадри. Она што е во мирување кај нас веќе неколку години, а што е европска растечка дејност што има и културни и економски бенефиции за секоја земја, е секторот на креативните индустрии. Годинава се насочуваме кон дополнување на оваа празнина во нашата програма.

Што планирате да направите за меѓународна афирмација на земјава?

– Филмот е можеби најатрактивен, зашто е дело на копродукции и секогаш најдалеку достигнува. Но големо е задоволството и од одзивот што го имаат програмите на македонските културно-информативни центри во Тирана, Загреб, Софија, Истанбул, Њујорк. Планираме да ги засилиме овие програми и годинава да отвориме нови во Белград и во Благоевград. Привлековме внимание и со Деновите на македонска култура во Прага, која беше претседавач со ЕУ, па во 2023 година се планира афирмација на земјата преку уметност во земјите-претседавачи, Шведска и Кралството Шпанија. Важно за нас е да бидеме дел од европското интегрирано културно семејство, па ќе го задржиме континуитетот со учество во идните европски престолнини: Елефсина, Веспем и Тимисоара. Од позначајните настани, верувам, ќе се издвои изложбата на МСУ-Скопје во Кунстхале во Виена, а годинава е редот на архитектите да се претстават на Венециското биенале, од кои очекуваме видни успеси. Од неодамна можностите се збогатија со иницијативата Отворен Балкан. Остварени се неколку соработки и размени, а ни претстои поконкретна соработка во кинематографијата и аудиовизуелните уметности, која ќе ја договориме токму во Скопје во 2023 година.

На листата на приоритети, кои се вашите топ три проекти за 2023 година?

– Почеток на реконструкцијата на Музејот на Северна Македонија, самиот по себе заштитен објект, со бесценети збирки што ги чува и конзервира. Објект што од формирањето никогаш не бил целосно реновиран, а кој е еден од идентитетските обележја на државата. Заштитата на културното наследство и реконструкцијата на спомениците и спомен-обележјата од НОБ. Големо олеснување за сите нас ќе биде откако трајно ќе ги заштитиме обележјата, од кои повеќето се на основоположниците на македонската скулптура, а се одраз на пораката дека за идеали вреди да живееме и да се бориме. Живата култура, која е во секојдневна борба со барање одговори на своите прашања, важни за човештвото овде и сега.

Последни вести