Конзистентноста и цврстината во ставовите на Социјалдемократскиот сојуз, опозицијата и феноменалната стратегија, за комплетно демаскирање, демистифицирање и демитологизација на привидната, параванска „чесност и работливост за доброто на народот“, длабоко пенетрира и речиси и ја уништи лажната и манипулативна матрица со која властодршците умешно се послужуваа долг период.
Дека со криминалната банда на власт е готово, јасно е како бел ден, јасно е како што многупати во историјата беше јасно што ќе се случи со властодршците што владееја по ист терк.
За внимателните и упатени набљудувачи на македонската општествено-политичка, економска и социјална голгота на 21 век, крајот на владеењето на „Фамилијата“ беше јасен уште со соопштувањето на првите аргументи за прислушувањето, уште со првата прес-конференција на Зоран Заев, поттикната од самиот Груевски, кој беше излегол во јавноста со новиот спин за странските служби.
Но за да сме сигурни во она што сите го посакуваме, а без да се водиме по дневно политичките моменти, доволно е само да направиме едногодишна хронологија, во која лежат сите аргументи од кои јасно се гледа блиската иднина, барем во политичка смисла. Таа хронолошка аргументација кажува дека криминалната банда на власт „паѓа на рати“, а ќе загуби на фер и регуларни избори. Да расчистиме – последната рата е поблизу отколку што се очекува.
Погубниот „политички кредит“ кој очигледно ќе го банкротира Груевски, сега веќе експремиер, беше лажната приказна објавена преку спин-аферата „Пуч“ со странските служби, жолтите комбиња и базните станици, која сама по себе пропадна уште на самиот старт, но ги беше втурнала кримино-стратезите во безизлезна ситуација, ќор-сокак, чиј крај денес многу јасно се гледа.
Потоа следуваа ратите.
Првите 38 рати беа брзо наплатени со 38-те пакети „бомби“ со кои комплетно се демаскира буквално се` што властодршците умешно го криеја. Прислушувањето, изборниот криминал, финансискиот криминал, митото и корупцијата, упадот во судството и институциите, узурпацијата на медиумите, политичките освети и затвореници. Се демаскира грдото лице на криминалот вграден во власта, каде што ни под разно не смее да биде.
Потоа следуваше 17 мај и кампот кој ја манифестира наплатата на половина од заостанатиот долг на Груевски кон граѓаните на Република Македонија.
Следуваа и оставките на Сашо Мијалков, Миле Јанакиески и Гордана Јанкулоска.
Па, се случи и договорот од Пржино 2 јуни/15 јули во кој се опфатени Специјалното јавно обвинителство, преодната влада и владата за организација на изборите со опозициски кадри во истата, промените во ДИK, регулацијата во медиумите, оставката на Никола Груевски и изборниот датум.
Следуваа и многубројните криминални афери кои опозицијата ги откри со своето присуство во самата власт, а сериозен поход направи и Специјалното јавно обвинителство со кривичните пријави кон дотогаш „недопирливите“.
Па, следуваше одлагањето на изборите од 24 април 2016 година, поради недоследноста во спроведувањето на договорот, што беше и стратешка определба на ВМРО-ДПМНЕ, што претставуваше уште еден удар врз режимот кој потврди дека граѓаните, а не власта, одлучуваат што и кога ќе се случи за добро на државата.
Во меѓувреме, од страна на претседателот на државата следуваше и силното признание за криминогените дела на власта преку аболицијата на сите инкриминирани во аудио снимките, што предизвика огромен револт кој секојдневно се излева на улиците во Скопје и сите големи градови.
Тоа што сега ќе следува е одлагање и на изборите закажани на 5 јуни, поради аболицијата, несоодветното прочистување на Избирачкиот список и останати аспекти поврзани со изборите, а аболираните најверојатно ќе бидат „ослободени“ од аболицијата.
Овие непобитни факти кажуваат едно: готово е со владејачката гарнитура, готово е со Никола Груевски и структурата околу него. Готово е со деценискиот режим што го издишува последниот режимски здив.
Попусто манифестираа непопустливост, цврстина, невиност, моќ, затоа што со своите дела го покажаа спротивното. Попусти им беа и митинзите и охрабрувањата и спиновите, затоа што аргументите на вистината се посилни од се`.
Вистината е како шило, кога-тогаш ќе избие на површина.
Сега ниту членовите, ниту поддржувачите-симпатизерите на ВМРО-ДПМНЕ не веруваат во раководството и свесни се за иднината што ги чека. Иднина на предизвик да се најде внатрепартиска сила и да се направат неопходните промени.
Сега доаѓаат правдата и слободата!
Александар Кирацовски, потпретседател на СДСМ и дополнителен заменик министер за информатичко општество и јавна администрација