fbpx

Колумна на Стефан Богоев: Стразбур е предалеку за долгата рака на ВМРО

Facebook
Twitter
LinkedIn

Стразбур е предалеку за долгата рака на ВМРО

“Нема правда, нема мир” беше клучната парола на Шарената револуција. Тоа беше движечката сила на протестите, мотивацијата на десетици илјади граѓани секојдневно да протестираат бестрашно против режимот на Груевски. Така и се роди Шарената (како што ние тогаш ја викавме). Се изнедри од срамната аболиција на Ѓорѓе Иванов кој сакаше да ги спаси од судски прогон главните, па и дел од споредните актери во серијалот “Вистината за Македонија”. Експлозија на револт, гнев, но и желба за правда, промена и подобро утре беа предвесници на револуцијата. Упорноста и храброста на “шарените” (така некои и ден денес се именуваме) после месеци на улица го натера Хорхе (така сеуште го викаме) да ја повлече бедната аболиција. Револуцијата победи! Или така тогаш мислевме!?

Самата аболиција, а потоа и повлекувањето на истата имаа тогаш, а имаат и денес за цел да ги минираат случаите на СЈО. Аболицијата треба да ги ослободи од прогон сите осомничени за криминал, уште пред да почнат со судски процес. Нели, секој е невин додека не се докаже спротивното, но аболицијата од старт ги направи виновни, а потоа ги ослободи експресно Груевски, Јанкуловска, Мијалков и тајфата. Ако човек е невин и е убеден во тоа, тогаш зошто би се плашел од судење и докажување на вина !?

Денес, последиците од тој вмровски план за убиство со умисла на правната држава сеуште ги чувствуваме. И се прашуваме дали целта на револуциојата се оствари или не!?
Едни ќе речат дека револуцијата беше за Груевски да падне од власт и да дојде СДСМ. Оваа теза и приказна беше потхранувана со режимската пропаганда (Латас и компанија) уште во тоа време, а продолжува и сега.
Други ќе речат дека правдата се испорача (или се испорачува). Дека се во затвор Јанклуловска, Чавков, Кочан, а по судови Мијалков, Јанакиевски…
Трети се разочарани и сметаат дека правда нема.

Каде е вистината? Ќе се обидам да анализирам и докажам.

Факт е дека се покажа онаа народната, “Правдата е бавна, но достижна”. Дел од случаите на СЈО добија разрешница, но и други високопрофилни случаи исто така. Денес позади решетки има два поранешни министри за внатрешни работи, поранешен директор на ДБК, режимски бизнисмени, но и други, корумпирани поранешни високи функционери на државата. Други моќници се соочуваат со пресуди кои сеуште чекаат правосилност и се повеќе од извесни. Недопирливите станаа допирливи. Ова се плодови и успеси на Шарената револуција.
Денес има и функционери од актуелната власт кои одговараат и се соочени со органите на прогон. Нешто што порано беше незамисливо. Имаме главна обвинителка која издржува затворска казна што ни на сон не беше возможно во режимско, вмровско време.

Но, има и разочарувања. Мастермајндот на режимот избега во Будимпешта. “Големото уво – Братучедот” ги користи сите законски дупки за да избега на правдата. Дел од предметите застаруваат. И тоа не е толку од нивната способност да избегаат на правдата, туку е резултат на помошта која ја добиваат од судиите од “Тефтерчето на Гоца”.

За среќа, тефтерчето има само локален дострел. Стразбур е предалеку за долгата рака на ВМРО. Европскиот суд за човекови права ги отфрли тужбите на режимските моќници (ментори на Мицкоски) и ги упати да ги искористат судските инстанци тука, во Македонија. Ова е победа на правдата, а и победа на Шарената револуција.

Сега е клучниот момент за правната држава. Сега е шансата конечно да се исполни целта на сите нас, шарените од Шарената. Топката е повторно кај нашите судови. Време е чесните судии да се издигнат над корумпираните. Заробените во тефтерчето, да се ослободат. Долго време покрај сувото гореше и суровото. Судот во Стразбур сеуште верува во нашето правосудство и дава шанса на правдата. Да ја искористиме!

Да ги охрабриме чесните, а да ги санкционираме корумпираните. Како држава направивме многу на полето на правдата, останува работата да ја довршиме. Да не чекаме “црни листи” или некој друг да ја заврши работата за нас. Судовите да судат по словото на закон, ефикасно и ефективно. Органите на прогон да следат и да санкционираат корупција во судовите. Граѓаните и новинарите да бидат коректив и критичар на сите погореспоменати. Само така, ќе има правда, ќе има мир. И екстрадиција!

Последни вести