fbpx

Колумна на Васко Кичевски: ЗЛОУПОТРЕБА НА ПОДАДЕНАТА РАКА

Facebook
Twitter
LinkedIn

ЗЛОУПОТРЕБА НА ПОДАДЕНАТА РАКА

Изминативе неколку месеци на политичката сцена постојано гледаме како владејачката коалиција со спуштен гард се обидува да ги стави државните интереси пред партиските за да ги реши заостанатите проблеми на граѓаните и воедно да го заврши процесот на уставните измени сѐ со цел граѓаните да имаат посигурна и поизвесна иднина, тука во родната држава.
Подадената рака на премиерот Димитар Ковачевски кон опозицијата, како на државно така и на локално ниво, постојано се злоупотребува од нивна страна за билдање на личниот рејтинг, целосно занемарувајќи ги потребите на граѓаните. Елоквентен пример за тоа е актуелната градоначалничка Данела Арсовска, која очигледно живее во некој свој филм каде што таа ја игра главната улога, па дури и размислувала дали да се кандидира за втор мандат. Веројатно опкружена со неколкумина кои ја тапкаат по рамо велејќи ѝ дека е најдобра и најпаметна ѝ создале погрешна слика за тоа како го води градот и како ја перципираат граѓаните. А граѓаните ја множат со нула бидејќи ваква неспособна и самобендисана власт, Скопје немало и се надевам дека никогаш повеќе нема ни да има.
Кога сме кај државните интереси, отворањето на поглавјата со Европската Унија ќе придонесат за подобро функционирање на државата. Тоа прво ќе значи задолжителни реформи и реорганизација на целиот јавен сектор коишто во моментов ѝ се неопходно потребни на целата јавна администрација. Второ, ќе значи финансиска помош за државата и за општеството на сите нивоа, од помош за веќе споменатите реформи, па сѐ до заштита на животната средина, поддршка за невладиниот сектор, подготовка и финансиска поддршка на домашните компании за учество на единствениот европски пазар. Буквално сите ќе имаме придобивки од овој процес на реорганизација на општеството.
Фокусот на уставните измени некако ги стави во сенка многубројните реформи коишто оваа владејачка гарнитура ги спроведе, а во суштина тоа се многу значајни законски измени кои изминатиов период беа донесени, а токму овие измени им го олеснуваат секојдневниот живот на граѓаните и ја подобруваат економската состојба на секој еден во оваа држава. Во изминатиов период се потпиша нов колективен договор за целиот јавен сектор со што се затвори едно горливо прашање на јавната администрација и воедно се изнајде системско решение за континуиран раст на платите во јавниот сектор. Второ, се донесоа измени на Законот за облигациони односи со што се стави крај на бесконечните камати на камати на камати. Сега веќе, каматата не може да биде поголема од долгот. Трето, се ограничија трошоците кај брзите кредити и со тоа конечно се воведува ред во оваа дејност. И да не заборавиме дека оваа Влада донесе законско решение со кое пензиите постојано растат и веќе во септември ќе имаме и ново покачување.
Оваа владина гарнитура може да ја фалиме или да ја критикуваме, но едно е сигурно, оваа Влада се бори за сигурна иднина на секој еден граѓанин на нашата држава.

Последни вести