Извинете, згрешивме!?
Почитувани граѓани, драги читатели, за многумина од вас ова можеби ќе биде чудна колумна. Несекојдневна, можеби на моменти двосмислена, но сепак искрена, а и вистинита.
Ќе започнам, а верувам и дека ќе завршам со зборот “извинете”. Користењето на овој збор во нашето македонско секојдневие стана реткост, освен во случаи на културно обраќање некому во стилот: Извинете, слободно е седиштето да седнам?
Така, скоро секојдневно и скоро сите го користиме, но во неговата суштинска форма, мора да признаеме дека го користиме прилично ретко. За жал во политиката, скоро никогаш.
Па ајде еве јас ќе се обидам, со сиот ризик, а воедно и надеж дека нема погрешно да бидам разбран и протолкуван. А и да бидам, извинете однапред што тоа е така.
МОМЕНТИ НА ИСКРЕНОСТ
Драги сограѓани и пријатели, извинете, згрешивме! Згрешивме како власт во повеќе наврати и ситуации. Велат, кој работи некогаш и ќе погреши, па намерно или ненамерно и ние сме луѓе и знаеме да згрешиме.
Како што згрешивме со пасошите или со вакцините, да згрешивме со некои кадровски одлуки кои разочараа и не ги исполнија очекувањата на граѓаните. Згрешивме што понекогаш премногу допуштавме на коалициските партнери.
Згрешивме, што иако сакајќи искрено, не успеавме се уште да го реализираме автопатот Кичево – Охрид кој во самиот свој зародиш беше криво насаден од вмровскиот проект.
Згрешивме што не успеавме до крај да ја истераме правдата на Шарената револуција, иако имаме двајца поранешни министри за внатрешни и двајца поранешни директори на ДБК во затвор.
Згрешивме што не успеавме поради кризата се уште да изградиме нов клинички центар во Скопје. Има и други работи кои можеби ги испуштам, а сме ги погрешиле, но и некои кои не зависеле од нас како Ковид и светската енергетска и безбедносна криза.
Во вакви моменти на искреност, чувствувам потреба да се присетам и на некои мои лични ветувања од минатото.
Среќен сум што успеав да го вратам Партизан, да изградиме во Карпош три нови градинки и безброј нови зелени површини, но не успеав да го завршам паркот покрај Вардар и докрај плочникот во Порта Влае. Искрено сакав, но приоритетите се сменија и фокус беше борбата против Ковид 19.
Успеавме да го средиме студентскиот Гоце Делчев, да ги започнеме реновирањата и на останатите, да зголемиме стипендии, но не успеавме да изградиме Студентски град.
Студенти, згрешивме, извинете!
Но, почитувани граѓани, драги читатели, згрешивме ли што немавме контрола врз медиумите како во време на режимот на ДПМНЕ, па да слушате само вести од власта, без да ја слушнете опозицијата и граѓаните?!
Згрешивме ли што не го поклопивме и партизиравме судството како во време на режимот, па така имаме и функционери на власта кои одговараат пред судовите и обвинителствата!?
ЗАВРШУВАМ СО СУШТИНСКОТО
Згрешивме ли што влеговме во НАТО и сме безбедни, а не успеавме се уште да влеземе во ЕУ затоа што ДПМНЕ го кочи процесот!? Згрешивме ли што МПЦ – ОА е сега црква признаена од сите!?
Згрешивме ли што до Штип се стигнува по нов пат за 40-тина минути, до Кочани за еден час, а се возеше по два, што имаме стотици нови или целосно реконструирани училишта и градинки, реновирани амбуланти и болници или полициски станици!?
Згрешивме ли што сево ова не ви вртеше на сите телевизии, весници и портали во вид на пропаганда како во време на режимот на ДПМНЕ по цел ден!?
Згрешивме ли што не договоривме партиски инструирани наставнички, доктори или шивачки на договорени прилози на телевизија да не фалат дека сме ја зголемиле минималната плата од 9. 000 на 22. 000 денари!?
Што не ги уценувавме земјоделците да доаѓаат на наши партиски митинзи ако сакаат да добијат субвенции и згрешивме ли што ја зголемивме социјалната помош за 300%, а не ги уценувавме примателите на истата да имаат партиска книшка за да ја добијат помошта!?
Згрешивме ли што ветивме 500, а стигнавме до 660 евра просечна плата во Македонија!?
Што поделивме за три години, две ипол милијарди евра помош за самохрани родители, пензионери, социјални случаи, студенти, средношколци и компании за да ја пребродат кризата, а за возврат не побаравме да гласаат за нас или да донираат пари на СДСМ!?
Но, почитувани, завршувам со суштинското и се враќам на она учтивото “извинете”: Извинете, зарем повторно сакате режим на ДПМНЕ на власт? Зарем напредокот на државата, слободата, демократијата повторно ќе ги ставите на коцка?
Не е страшно да погрешите, но е доблесно да се извините за грешката.
И понекогаш, мислејќи дека казнувате некого, всушност, не сфаќате дека се казнувате самите себе.
Извинете, но мора да сме внимателни, бидејќи после гласање, нема каење!
Од сите нас зависи!