Колумна на Петар Петковски, потпретседател на СДММ:
Драги млади, драги возрасни со млад дух, пишувам искрена колумна во овие тешки времиња за нас, бунтовните, за генерацијата која е Југо воспитана а современо созреана. Поттикнат од другар кој што скоро објави колумна, ќе се извинам со чисто срце на генерацијата која се бори за подобро ама не го заборава лошото, генерацијата која цени извинување ама и држи за збор, генерацијата која потсеќа на лошото и не дава да се повтори, бидејќи нема откажување.
ЌЕ БИДАМ ДИРЕКТЕН
Не наседнувајте.
Доаѓа период во кој секој ќе биде “влечен” на секоја страна, меѓутоа, пред крстосница се оди со чисти мисли и искрена намера.
Прво, да ја поздравам младинската генерација која заминува во “возрасни”, а за таа генерација не се направи доволно, затоа што секогаш може многу повеќе од она “доволно”.
Да се извинам што како младинец на политичката сцена, не успеавме, заради кочничарски политички субјекти да обезбедиме пасош со европска Македонија, за мојата генерација да може без бариери да конкурира на европскиот пазар.
Но, фер е да упатиме критика и што не успеавме да создадеме министерство за млади, кое со младинец на чело на министерството ќе се бори за конкурентноста на македонецот на европската сцена, но отворивме дебата (читај: борба) дека ни е неопходно за младиот човек да може да ја врати довербата во институциите.
Фер е и да си кажеме дека за студентите направивме многу, но фер е да кажеме на студентите дека мора да се прави уште многу повеќе.
Дали е фер да кажеме дека ние, младите, после тешките борби во минатото, искочивме како победници со дигната глава и глас кој сериозно се слуша, да.
Но нема да им простиме.
НЕ НАСЕДНУВАЈТЕ.
Продолжувам директно.
Драги младинци, на вас ви се обраќам и капа ви симнувам, за крвавите битки во минатото за кои заедно се изборивме за оваа слобода која ја дишеме денес.
Меѓудругото и ќе ве прашам, дали ви се извинија за долги години заробени медиуми, дали ви се извинија за долги години шепотење на имиња кои сееа страв низ скопските улици.
Фер е да прашам, дали се извинија за тоа што они одлучуваа и каква музика ќе се слуша во Скопските дискотеки.
Дали еден доблесен политичар од кочничарскиот политички субјект, ви се извини што не тепаа во библиотеките со тешки полициски сили и со тешко воено наоружување.
Да прашам, дали некој млад политичар од кочниарскиот политички субјект ви пријде да ви се извини што на сред плоштад во Скопје убија наш другар.
Вие, студентите на архитектонскиот факултет, дали се срамите пред вашите врсници, студенти од европските држави да кажете дека Скопје 2014 е вистински проект на ваши идни колеги, кои се продадоа за малце повеќе пари. Дали ќе пријде некој и ќе ви се извини.
ПОТСЕТУВАМ И ЗАВРШУВАМ
Младите во Европска Македонија, веќе се многу свесни и не остана ниту еден со свиткана кичма, кои коленичат за ситни популистички поволности. Младите сега, стојат исправени и достоинствени како никогаш, дебатираат на маса и се борат за подобра иднина тука, не се предаваат затоа што знаат дека можат да постигант многу.
Оваа генерација е Југо воспитана, оваа генерација повторно потсетува дека не сака темни минати сценарија, доста е борба, време е да се ужива во слобода.
Генерацијо, возрасни млади, директно ви се обраќам и чесно ви зборувам, секоја казна си доаѓа на наплата. Ја завршивме внатрешната борба за слободен воздух, да ја започнеме европската борба, и ако ние не успеавме, по нас идат многу паметни млади за кои вреди да изгинеме за да уживаме во гордоста со нив, ширум Европа.
Ќе кажам и јас, после гласање, нема каење.
Со доблест се извинувам на вас младите, грешиме, но се бориме, и ќе се бориме за тие по нас.
Не дозволуваме повторно сеење страв и шепотење имиња. Главата горе идеме по пасош за Европска Македонија.
Авангарден поздрав, младински.
Ве поздравува Потпретседател на СДММ