„Денот на независноста, 8-ми септември, ќе остане запаметен како ден кога се обединивме за да ги утврдиме нашите стратешки патокази и да трасираме пат за демократски развој, исполнет со меѓусебно разбирање, благосостојба и просперитет. Денес Република Северна Македонија својата независност ја потврдува во најмоќниот воено-безбедносен Сојуз – НАТО, и како кандидат за членство и во најсилната економска заедница на светот – Европската Унија“, кажа премиерот Зоран Заев на свечената владина седница по повод 30 години независност.
Во триесетте години независност Република Северна Македонија израсна во отворена, праведна, стабилна и земја на можности изградена на неколку столбови.
„На столбовите за правна држава и владеењето на правото, на столбот за економски раст, на столбот општество и институции како сервис за граѓаните, на столбот „Едно општество за сите“. Го зедовме најдоброто наследство од минатото и создаваме држава со сосема извесна европска иднина“
Премиерот истакна дека одговорност и должност на сите кои учествуваат во градењето на нашата држава е зачувување на македонскиот идентитет, кој сега освен што е зачуван е и потврден и зајакнат.
„Засекогаш, Македонците и македонскиот јазик се впишани во ризницата на светските народи и јазици и никој повеќе нема дилеми, никој повеќе не го оспорува тоа“, истакна премиерот Зоран Заев.
Вицепремиерот Љупчо Николовски го истакна значењето на претходните генерации во изградбата на државата, но и улогата на новите генерации кои мотивирано ги поддржаа храбрите лидерски одлуки, за доброто на државата.
„Храбро лидерство и да не губиме време, да ги градиме институциите и да ги решаваме проблемите. Денеска сме држава со своја иднина. Да ја вратиме довербата во институциите на системот, да има ред и правда, да ги задржиме младите тука, да ги искористиме природните ресурси во полза на развојот на државата и тие кои заминаа да се вратат. Членството во НАТО е доказ дека може да нѐ биде“, рече вицепремиерот Николовски.