Подигнување на нивото на хигиена преку реорганизирање и зајакнување на комуналните служби, поставување нови корпи за отпадоци, подземни контејнери во населбата Буњаковец. Кандидатот за градоначалник на општина Центар на СДСМ, Горан Герасимовски на средба со граѓаните од Буњаковец најави организирано паркирање, регулирање на сообраќајниот метеж како зелен и чист Буњаковец.
„Проширување на дејноста на ПОЦ во комунално претпријатие, со што нашата општина ќе има сопствено комунално претпријатие и на многу поедноставен и побрз начин ќе ги решава комуналните проблеми и ќе поставиме повисоки стандарди во оваа дејност. Во исто време на нашите граѓани ќе им обезбедиме чиста животна средина. Дополнително, планирана е изградба на подземни и монтажни гаражи за трајно решавање на проблемот со недостаток на паркинг места во Центар. Хортикултурно уредување, поставување урбана опрема, изградба на детски и спортски игралишта на просторите над гаражите. Со ова покрај тоа што ќе биде задоволена се поголемата потреба од паркинг места во Центар, ќе ги ослободиме тротоарите за пешаците со што ќе се создадат услови за нови велосипедски патеки“ изјави Герасимовски.
Планирано е одржување на хигиената во подземните гаражи како и организирање „маалски патроли“ за поголема безбедност и грижа на јавните површини. Во Буњаковец 1 и 2 ќе следи целосна реконструкција на ул. Ленинова, со нови велосипедски патеки од едната страна на улицата, ул. Рајко Жинзифов и Петар Поп Арсов и дел од Никола Тримпаре и реконструкција на паркинзите бр. 2, 4, 6 и 9. Планирана е реконструкција на ул. Дебарца, со резидентен паркинг, и реконструкција на Христо Смирненски, заокружи Герасимовски.