fbpx

Филипче: Ова е држава на сите, мора да се бориме за нашиот дом

Facebook
Twitter
LinkedIn

Обраќање на претседателот на СДСМ, д-р Венко Филипче по повод 8 Септември, Денот на независноста

Филипче: Ова е држава на сите, мора да се бориме за нашиот дом

„Државата не е ничија сопственост. Не е сопственост на партиите, ниту на владата. Државата е на граѓаните. Таа е нашиот дом. За нашиот дом мора да се бориме сите.“
Ова е пораката на претседателот на СДСМ, Венко Филипче, во видео-обраќањето по повод 8 Септември, Денот на независноста.

Филипче потсети дека пред 34 години, граѓаните со храброст и одговорност ја донесоа една од најважните одлуки во историјата на Македонија – одлуката да живееме во своја, независна држава. Таа независност не беше подарок, туку резултат на визија, мудрост и истрајност.

„Македонија е на тие што се борат со животот секој ден, на тие што се грижат за своите блиски, што работат, што плаќаат даноци, што не бараат привилегии. Македонија е и на тие што останаа овде, и на тие што заминаа, ама не заборавија.“

Во своето обраќање, Филипче предупреди дека денес државата е повторно пред закана – не од оружје, туку од корупцијата, неправдата, дискриминацијата и сиромаштијата. Тој укажа дека оваа власт ја претвора државата во сопственост на малкумина, а ја оддалечува од граѓаните.

„Сакам да ѝ порачам на власта – ова е земја на сите, за сите. Не е само ваша.“

Според него, патриотизам денес не значи само да се вее знаме, туку да се обезбеди фер судство, еднакви шанси за сите, поддршка за послабите, чист воздух за сите граѓани и отчетност во трошењето на јавните ресурси.

„Патриотизам е да се бориш за чист воздух, а не да палиш депонии. Патриотизам е да помагаш на послабите, а не да трошиш од државните ресурси за себе. Патриотизам е да си го средиме сопствениот двор, сопствениот дом, да се грижиме за заедничкото – оти заедничкото е и ваше и наше, и твое и мое.“

Претседателот на СДСМ подвлече дека социјалдемократската идеја била и останала двигател на најважните државни одлуки и историски моменти: Во 1991 и 2001, СДСМ ја сочува државата од војна, ги изгради институциите од нула, ја зголеми минималната плата од 9.000 на 25.000 денари, го зајакна социјалниот систем и вложуваше во граѓаните и го донесе членството во НАТО.

„Сè што имаме – институции, плати, социјална помош, НАТО – не ни беше подарено. Сè е изборено, со многу мака и отпор.“

Во финалниот дел од обраќањето, Венко Филипче ја упати пораката што СДСМ ќе ја носи и во наредниот период – повик за нова, обединета борба:

„Ако 1991 се изборивме за независност, сега треба да се избориме за иднина.“

Филипче потсети дека патот кон Европската Унија не е само геополитички избор, туку обврска кон граѓаните кои сакаат стабилност, правна држава, повисоки стандарди и модерна економија.

„Денес сме на чекор од Европа. Тој чекор мора да го направиме сами, но заедно и обединето. Бидејќи јас верувам дека сите на крајот го сакаме истото – сигурна иднина на оваа држава и на нашите деца.“ – заврши Филипче.

Последни вести