После сите големи зборови на ВМРО ДПМНЕ, по година и пол од нивната власта, реалноста је сурова – цените дивеат, платите тапкаат, институциите се претвораат во партиски канцеларии, а секојдневието е потешко од вчера, порача претседателот на Социјалдемократскиот сојуз на Македонија, д-р Венко Филипче, на денешната Конвенција за промоција на кандидатите за градоначалници и советници.
„Знам дека повеќето од граѓаните не гласаа од љубов кон нив, туку од надеж дека ќе дојде ред, достоинство и подобар живот. Баравте власт што ќе работи без изговори, што ќе ја средува државата. Тоа е чесна, нормална и очекувана потреба. Но денес, наместо план за иднината, гледаме тешка импровизација“, рече Филипче.
Во обраќањето, Филипче посочи дека ВМРО ДПМНЕ вети поинаква држава, а ја вратија старата матрица.
„Блиските добиваат, останатите се неважни. Ветија економија и развој, а денес се живее сè потешко и потешко. Платите не ги качуваат, цените не ги контролираат, земјоделците не добиваат поддршка, се задолжуваат за 8 милијарди евра. Фирмите молат за поврат на ДДВ кој им следува затоа што државата нема пари. Ова не е промената за која граѓаните излегоа на гласање“, рече Филипче и додаде дека ВМРО ДПМНЕ го злоупотреби гласот и волјата на граѓаните за промени.
Како што кажа Филипче, мора да продолжи борбата против дивеењето на цените, против запрениот раст на платите и против претворањето на институциите во партиски канцеларии.
„Да го свртиме вниманието и сите активности да ги насочиме кон луѓето, кон работниците, кон младите и пензионерите и сите заедници без исклучок. Да подадеме рака секому, водени од грижата, солидарноста, правдата, слободата и еднаквоста, порача претседателот на СДСМ, Венко Филипче.