Интегрално обраќање на претседателот на СДСМ, д-р Венко Филипче на 31 Конгрес на СДСМ

Facebook
Twitter
LinkedIn

Интегрално обраќање на претседателот на СДСМ, д-р Венко Филипче на 31 Конгрес на СДСМ

Погледнете околу себе. Погледнете го човекот до вас. Ако некој ве праша зошто денеска сте тука, во ова време – невреме, не му одговарајте дека сте тука поради партиска книшка. Не му велете дека сте тука поради некоја функција или суета. Кажете им ја вистината што ја чувствуваме длабоко во нас, во градите. Тука сме, затоа што да се биде во СДСМ никогаш не било само политичка определба. Затоа што СДСМ е партија на борбата, на одлуките, партијата којашто знае како се води држава кога е најтешко. Кога другите се криеја, ние преземавме одговорност, кога другите викаа ние решававме. Тоа е историски завет. СДСМ е идеја, Социјалдемократскиот сојуз на Македонија е народот.

Ние не сме партија која е настаната од гнев, ние сме партија која е настаната од идејата за Слобода. Нашите корени се длабоко во темелите на Крушево и во столбовите на АСНОМ. Ние сме директните наследници на оние кои во ’44-та, на урнатините од војната, имаа храброст да кажат: „Тука ќе има држава!“. Таа државотворност тече низ вените на секој еден од вас. Таа црвена боја на нашите знамиња не е само декор – таа е потсетник на тежината што ја носиме на рамениците: да ја чуваме Републиката тогаш кога другите сакаат да ја продадат, да ја поделат, да ја изолираат и да ја пљачкаат.

СДСМ, другари и другарки, е имунолошкиот одбранбен систем на оваа држава. Кога национализмот ќе почне да го јаде ткивото на општеството – ние сме лекот. Кога омразата ќе се обиде да нè скара сосед со сосед – ние сме врзивното ткиво. Кога режимот ќе се обиде да ја замолчи слободната мисла – ние сме гласот што грми. Низ историјата, кога и да се спуштел мрак, кога и да завладеел страв, СДСМ бил факелот што го покажувал патот кон излезот. Така беше во 90-тите, така беше во 2016-та, и ви ветувам – така ќе биде и сега!

СДСМ, добро знае што значи зборот одговорност кон татковината. Другите ја гледаат Македонија како плен, како територија за владеење, ние ја гледаме како дом. И затоа, денес, не стојам тука пред вас само како претседател на партија. Стојам како човек кој со жалење гледа како се спушта една тешка, оловна завеса над нашата татковина. Се враќаат духови од минатото за кои мислевме дека сме ги победиле. И знам, исто како што знаете и вие, дека ако ние – наследниците на партизаните, на државниците, на визионерите – не ја кренеме таа завеса, никој друг тоа нема да го стори. Ова е собир за спас на македонското достоинство и за одбрана на она што е наше!

Дали сме подготвени да ја прифатиме таа битка? Погледнете што се случува надвор. Погледнете ја реалноста, не онаа од лажниот ПР на Владата, туку онаа од фрижидерот на работникот.

Што ни донесоа за овие речиси две години власт? Ни донесоа брутално отрезнување. Тие ветија гордост, а ни донесоа до питачки стап. Ветија реформи, а донесоа грабеж од епски размери. Донесоа тендери за своите блиски луѓе, донесоа грабеж на европски пари од кои сите ние се срамиме.

Да бидеме целосно искрени за тоа што ни го прават. Ова не е само неспособност. Кога не чистиш снег или ѓубре во Скопје – тоа е неспособност. Но, кога го креираш Буџетот за 2026 година со дупка од две милијарди евра и за тоа треба да стигне ново задолжување – тоа почитувани присутни не е грешка, тоа е осмислен невооружен грабеж на оваа држава. Тоа е финансиско злосторство против иднината на децата. Тие пари не исчезнуваат во воздух. Тие пари се прелеваат во џебовите на нивната олигархија, додека граѓаните ќе ја плаќаат сметката преку инфлацијата која им го јаде лебот.

Гледајте ги цените. Влезете во маркет. „Потрошувачката кошничка“ стана поскапа од злато. Замрзнуваа цени на хартија, а во реалноста цените дивеат. Зошто? Затоа што се штитат профитерите, а не граѓаните. Од 1 јануари, поскапе се’, и парното и струјата, а Мицкоски не убедува дека сме четврта економија во Европа. Дали некој се чувствува како да живее во четвртата економија во Европа, денес јавно прашувам. Одговорот сите ние многу добро го знаете.

И додека народот се бори за корка леб, каде е премиерот? Во Давос. Глуми светски лидер, прави селфија по ходници затоа што пет дена не направи ниедна средба. Човекот беше турист и ова не е хипербола. Додека дома државата пука по сите шавови, Мицкоски тераше скап туризам платен со народни пари! Македонија, почитувани присутни, почитувани граѓани е во дипломатска изолација. Европскиот патот е блокиран, а тие немаат план. Европа нè отпиша а Америка не нè запишува. Наместо во периметарот на САД, со Мицкоски завршивме надвор од кружницата наречена Европа. Вакво дипломатско лудило и конфузија не се оправдува. Ова е предавство на националните интереси. Вакво предавство ќе памтат многу следни генерации.

Нивниот единствен план е да нè држат во калта на Балканот, за да можат да владеат без правила, без европски судови, без контрола.

Кога беше СДСМ на власт, како велеше Мицкоски и ВМРО-ДПМНЕ, се сеќавате? Сме биле потчинети на Европа. Тој ќе ја враќаше гордоста. И што добивме? Добивме влада која е целосно потчинета, уценета и купена со ќеш и проекти од Вучиќ и Орбан. Ја сведоа државата на последната дупка на Балканот со премиер кој не смее потпис да стави на ниедна одлука без одобрување од неговите газди.

Па кажете ми, драги пријатели, кој вистински нема кичма, како што љуби Христијан да каже? Оние кои носеа државнички одлуки за европска Македонија или оние кои станаа подизведувачи на авторитарните влади на Балканот?

Но, има нешто уште пострашно што се подготвува во темнината. Слушаме, читаме, гледаме и пратиме. Се кројат планови, далеку од очите на јавноста, за прифаќање на мигранти од Западна Европа. За 10.000 веќе се донесе закон под превезот на странски работници.

Сакаат да ја претворат Македонија во карантин зона, во тампон зона за туѓи проблеми, само за да добијат тапкање по рамо и кредит од 6 милијарди евра. Сакаат да ја продадат безбедноста на нашите домови и на нашите деца за ситни политички поени. Тоа е врвен чин на предавство на сопствениот народ! Нема да дозволиме Македонија да стане логор за туѓи геополитички поткусурувања додека децата ги пакуваат куферите да заминат од државата!

Планот, почитувани присутни е разоткриен, планот повеќе не може да го прикриваат. Прво, ја откривме оската со Србија и Унгарија. Сојузот со Орбан и Вучиќ кадешто се застапуваат антиевропски и поддржуваат проруски ставови што не доведоа до тоа да сме до листата на Америка со земји од третиот свет. Второ, намерно поради внатрешна кампања ги продлабочија врските со десничарските антиевропски лидери и се покренаа спорови со нашите соседи, ризикувајќи ја европската интеграција за домашна моќ и пари. Трето, таа оска ги штити интересите на Моска, на Балканот со инвестиции што не врзуваат за авторитарните режими. Четврто, нивните планови за разбивање на Социјалдемократскиот сојуз на Македонија, ново здружение, ново движење, нова екипа, дури и нова партија со тројански коњи што ги започнаа наши другари, што седат на две столици и работат за интересите на власта.

Првиот напад се случи во 2021 година. Се формираше движењето ЗНАМ, гласачите се збунија. Поверуваа во пропагандата на ВМРО-ДПМНЕ. Сега планот е повторно ист. ВМРО сака контролирана опозиција во Македонија, опозицијата да се подели и да се раситни да може секој еден сегмент само тие да го контролираат. Целосни и потполни послушници, подизведувачи на власта. Со ЗНАМ успеаја, сега јасно и гласно кажувам нема планот да ви успее, СДСМ од ова излегува посилен, подобар и покомпактен. Порачувам од овој конгрес, нема да не скршите, нема да не замолчите, Социјалдемократскиот сојуз на Македонија никогаш не била и нема да биде контролирана опозиција.

Почитувани присутни,

Критиката не е доволна. Лутината е гориво, но потребна ни е визија. Ние, нудиме нешто друго, ново, поинаку. Мора да понудиме засолниште од ова лудило.

Нашата платформа и програма е договор со секој граѓанин. Ние нудиме економија на достоинство, економски модел во кој централна фигура е човекот и неговите потреби. Економска стратегија која се фокусира на тоа како парите кои вие ги плаќате во буџетот да се вратат повторно кај вас преку повисоки плати, подобро образование, подобро здравство, повиски пензии. СДСМ се залага не само за едноставна минимална плата, туку за достоинствена плата за живот. Систем каде што профитот не е забранет, но алчноста е оданочена. Враќањето на парите кај граѓаните, не преку лажни мерки, туку преку системски инвестиции во секој аспект на приходите и услугите кои вие како граѓани ги добивате од државата.

За младите – држава која е дигитален центар, а не извозник на евтина работна сила или на наши креативни умови. Ако можат да работат за странски компании, нека работат од тука, нека работат од дома, но во европски услови за кои ние ќе гарантираме. За пензионерите – престанок на милостината пред избори. Гарантиран раст на пензиите кој ја следи инфлацијата, за да не мораат да бираат меѓу лекови и храна. За работниците – ќе бидеме штитот кој ќе ги брани од самоволието на газдите кои оваа сегашна власт ги штити. Нас повеќе од било кога ни е потребна социјална држава и таква држава може да обезбеди само СДСМ.

Ние нудиме ЕВРОПСКА Македонија. Реформирано судство и судии кои судат по закон. Болници во кои се лекувате достоинствено. Училишта кои создаваат умови, а не послушници. Тоа е социјалдемократијата на 21-виот век. Грижа. Солидарност. Човечност. Ние гарантираме вистински патриотизам, а не сиров национализам кој значи само лаги, лажна гордост и чукање во гради. Патриотизам кој значи чукање во гради на сите аспекти на живеењето, патриотизам кој сите аспекти на живеењето ги прави подобри, побогати и побезбедни. Патриотизам кој значи дека водиме сметка за секој еден, за помногу бројни, за послаби, без разлика дали станува збор за етничка, национална, верска, родова, полова или сексуална ориентација. Ние гарантираме општество без корупција во кое секој еден ќе живее и ќе напредува и ќе има еднакви шанси, а не само малата група околу центрите на моќ на власта.

Почитувани пријатели,

За да го победиме ова зло надвор, мора прво да бидеме челични внатре. Знам дека во минатото имавме турбуленции. Знам дека имаше разочарувања. Некои си заминаа, некои се вратија, а некои сè уште стојат на прагот и калкулираат.

Сакам денес да бидам кристално јасен. Вратите на СДСМ се ширум отворени за секој чесен социјалдемократ, за секој работник, за секој интелектуалец кој ѝ мисли добро на државата. Но, дозволете ми да испратам една порака до оние кои мислат дека можат да седат на две столчиња. До оние кои мислат дека можат да бидат во СДСМ, а да работат за интересите на власта, или да формираат фракции, нови движења и сето тоа само за нивни лични интереси.

Тоа време заврши. Денес ставаме точка на разединувањето. СДСМ не е пазар за пазарење функции. СДСМ е армија на вредности. Кој сака да се бори рамо до рамо со нас – добредојден е вистински, искрено, братски. Но, кој планира да нè поткопува од внатре, кој планира да биде „Тројански коњ“ на ВМРО или на некои други интересни групи – нека си замине веднаш. Немаме време за предавства. Немаме луксуз за суети. Или сме заедно во оваа битка за живот или смрт на демократијата, или не сме ништо. Јас бирам да бидеме сè! Бирам борба, искрена, силна и чесна!

Затоа, другарки и другари, нема седење. Нема пишување статуси на Фејсбук од удобни фотелји. СДСМ е на терен! Одиме во секој град, во секое село, во секое маало. Ќе чукнеме на секоја една врата. Не да молиме за гласови, туку да ја разбудиме Македонија!

Ќе им кажеме на луѓето за долгот од 2 милијарди евра. Ќе им кажеме за долгот од 6 милијарди евра кој ќе го враќаат многу следни генерации. Ќе кажеме и за изолацијата од Европа и од Америка, поради корупцијата и пљачката. За предавството од националните интереси и безбедност со мигрантите. Ќе им кажеме за лагите, ќе ги разобличиме. Ќе им кажеме на луѓето дека не се сами. Ќе ги погледнеме луѓето во очи и ќе им кажеме: „Тука сме, да се бориме за вас, затоа што овие сакаат да ви ја земат душата“. Сакаат да ја земат душата на Македонија.

Нека слушнат добро во Белата Палата и во Владата. Мислеа дека сме на колена? Мислеа дека сме готови? Штотуку почнавме! СДСМ се рабуди. А кога СДСМ е буден, тираните не спијат мирно! Пред нас е борба, праведна борба со знаење, чесност и со срце, затоа што Социјалдемократскиот сојуз на Македонија е силата која носи промени. Затоа што иднината нема да ни биде подарена, ќе ја освоиме сите заедно. Немаме време за страв, има само за храброст. Од овој момент надежта има име, се вика СДСМ.
Да живее Социјалдемократскиот сојуз на Македонија! Да живее слободна и европска Македонија!