fbpx

Заев: Ќе имаме мала, ефикасна влада од одговорни и отчетни кадри, целосно посветени на трансформација на подобро

Facebook
Twitter
LinkedIn

Експозе на мандатарот Зоран Заев на седница на Собранието на РСМ за избор на нова Влада

Почитуван претседател на Собранието на Република Северна Македонија, Талат Џафери,

Почитувани пратеници во Собранието на Република Северна Македонија,

Почитувани кандидати за министри во новата влада,

Почитувани гости од дипломатскиот кор,

Почитувани претставници на медиумите,

Почитувани граѓани,

Во политиката, исполнувањето на ветувањата дадени пред почетокот на извршувањето на задачата добиена директно од граѓаните, го определуваат интегритетот на личноста на крајот од мандатот.

Тоа е мојот личен влог и затоа јас денеска со гордост и чист образ застанувам пред вас, во храмот на демократијата, со предлог програма и предлог кандидатски решенија за кадри, за состав на новата, уште поодговорна и уште поотчетна, Влада на Република Северна Македонија.

Убеден сум дека само перформансите се реалност и затоа стојам овде пред вас и се обврзувам дека како премиер, заедно со сите министри и заменици министри, заедно со целата влада и заедно со вас, граѓаните, ќе покажеме уште еднаш пред себе и пред светот, дека можеме.

Можеме уште повеќе и уште подобро!

Нашата држава, како и целиот свет, сите ние, веќе подолг период се наоѓаме во деликатна ситуација која се заканува со последици врз здравствениот систем, врз економијата, но и врз сите сегменти на општественото живеење.

Затоа, со изборот на оваа Влада го комплетираме системот на ефикасни и силни институции со полн капацитет и легитимитет кои ефикасно ќе работат во надминување на последиците од коронавирусот и за справување со идните предизвици од пандемијата.

На овие парламентарни избори имавме храброст да ја создадеме првата целосно мултиетничка коалиција „Можеме“ со историски чекор што го направи партијата од Албанскиот политички блок БЕСА, и така обединети во различностите, СДСМ и Коалицијата “Можеме” настапивме со заедничка Програма која нуди решенија за сето она што е важно за сите граѓани, за државата и за нашата заедничка иднина.

Денес, таа програма, усогласена и дополнета со програмските определби на нашите коалициони партнери, ДУИ и ДПА, е преточена во Предлог Програма за работа на Владата за периодот 2020-2024 година.

Во оваа Програма е вградена нашата силна определба и политичка волја за засилено исполнување на стратешките приоритети на нашата земја: Нова енергија и решителност во создавање подинамичен економски раст, одржлив развој, ефикасна правна држава и силни институции, модерно образование, внатрешна кохезија, успешно и ефикасно справување со светската пандемија со КОВИД-19, активно членство во НАТО, силна волја за успешен почеток и завршница на преговорите по поглавја за членство во Европската унија, и добри меѓуетнички и меѓусоседски односи.

Новата македонска економија и забрзаниот економски раст се на првите страници на Програма за работа на Владата за мандатот 2020-2024 година.

Во претходните 3 години, во време на решавање на најголемите отворени прашања на надворешен и внатрешен план, покажавме дека можеме да се обезбедиме повисок економски раст кој создава нови работни места, паралелно со повисоки плати и пензии. Покажавме дека може да се постигне историски најниска невработеност, а минималната плата да се зголеми за дури 60 отсто, од 9.000 денари на 14.500 денари за нецели три години.

Во Северна Македонија во изминатите три години влегоа вкупно 1 милијарда и 177 милиони евра странски директни инвестиции.

Во првиот квартал во 2020 година кога се случи официјалниот прием во НАТО кој веќе беше најавен на европската и светската сцена и беше сигурен, во државата влегоа за 2,8 пати повеќе странски инвестиции во однос на првото тримесечје од 2019 година.

Покажавме што значи да се спасуваат работни места и да се одржува стабилна економија и во време на огромни последици предизвикани од светската пандемија од невидени размери.

Ова за нас е дополнителен мотив да работиме двојно повеќе. Не само за да излеземе од кризата со што помалку последици, туку и брзо да се вратиме на претходните стапки на раст. Бидејќи очигледно е дека – можеме.

Имаме план за иновативна, стабилна конкурентна македонска економија, подготвена да одговори на новите предизвици и да понуди шанса за секој.

Во таква економија, платите ќе продолжат да растат. За време на кризата се обврзуваме да ја задржиме минималната плата на висина од 14.500 денари и со нови пакет мерки да ги помагаме ранливите категории граѓани, компаниите, работните места, сите.

По завршувањето на кризата, Владата ќе продолжи со своите докажани заложби: раст на минимална плата до крајот на мандатот во висина од 20 до 40% и раст на просечната плата до крајот на мандатот од 20 до 30%, во зависност од должината и влијанието на коронакризата врз светската и домашната економија. Нашите цели се јасни, 20.000 денари минимална плата и 34.000 денари просечна плата до крајот на четиригодишниот мандат.

Знаеме како и можеме, до крајот на мандатот да ја вратиме нашата економија на солиден и одржлив раст од 4 %.

Иновативноста, дигитализацијата, претприемачкиот дух ќе го водат главниот збор во трансформацијата на нашата економија.

За да биде успешна трансформацијата на нашата економија во динамично, отворена и конкурентна, нудиме стабилна макро економска рамка во која даночниот систем ќе биде предвидлив, ефикасен, праведен и сериозно ќе ја намали сивата економија, а ќе ја поттикне приватната иницијатива и инвестициите. Данокот на добивка останува на ниво од 10% во целиот период 2020-2024. Данокот на личен доход останува исто така на 10%, но остануваме доследни на воведувањето на правичното прогресивното оданочување преку инклузивен процес на разговори и креирање на консензус за воведување на истиот. Овој данок ќе се намали на 0% за ИТ индустријата и тоа скалесто, 5% во 2021, 3% во 2022 и 0% во 2023 година.

Ќе воведеме единствена даночна стапка на ДДВ од 10% за ресторанските услуги, намалување од 18% на 5% на занаетчиските услуги. Ќе го укинеме персоналниот данок за обуки, квалификација и добивање на лиценци. Ќе започнеме процес на укинување на парафискалните давачки заедно со коморите. Фирмарината нема да ја плаќа ниту една ново-формирана фирма во првите две години. Ќе ги ослободиме од даноци сите ново-формирани и основани фирми од млади луѓе до 30 години и жени се додека прометот на нивната фирма не надмине 3 милиони денари. Ќе воведеме и многу други поволности, со цел вработливост на граѓаните и раст на економскиот стандард.

Износот на нето странските директни инвестиции го планираме на ниво од најмалку 1 милијарда евра. Нивото на јавните инвестиции ќе порасне на 2,2 милијарди евра, а очекуваните директни приватни инвестиции ќе бидат над 1,2 милијарди евра за четири години.

Стапката на невработеност, за време на кризата ќе ја држиме стабилна, а по завршувањето на кризата ќе продолжиме да ја намалуваме за 3% годишно како што тоа го правевме во изминатите 3 години. Конечна цел е – едноцифрена стапка на невработеност до крајот на овој мандат.

Домашните и странските инвестиции ќе ги подржиме со 300 милиони евра од домашните буџети и 300 милиони евра од европските фондови.

Ќе изградиме 260 километри автопатишта, 300 километри експресни регионални патишта, 950 километри локални патишта и ќе рехабилитираме 1.500 километри постојана патна инфраструктура. Ќе изградиме нови 500 километри канализации и водоводи за што ќе обезбедиме 100 милиони евра за сите општини во Република Северна Македонија.

Еден од клучните приоритети останува изградба на прочистителни станици за отпадни води и фабрики за преработка на цврст отпад. Националната гасоводна мрежа целосно ќе ја завршиме и уште во 2021 година во договор со ЗЕЛС ќе почнеме да ја градиме секундарната и терцијалната гасоводна мрежа по градовите, општините и индустриските зони

Ќе продолжиме со изградба на железниците, посебно на Коридорот 8 кој е во вредност од преку 500 милиони евра, а и целосно ќе ја рехабилитираме железницата на Коридорот 10 и воопшто целата железница во нашата земја. Ќе продолжиме со интензивно градење на детски градинки, болници и училишта како и спортски објекти.

Сакам да нагласам дека во процесот на рестартирање на економијата, во рамките на стратегиите за закрепнување, новата Влада во потполност ќе ја следи политиката на зелена и дигитална транзиција во духот на Европскиот зелен договор. Ваквиот пристап, овозможува економија која е во функција и на интересите на луѓето и на планетата, и на здравата животна средина.

За да го постигнеме тоа потребна ни е стабилност и предвидливост. Затоа е важно новата влада да го заокружи целиот мандат од 4 години, за да се обезбеди поволен амбиент за остварување на економската програма, како и за нашите евроинтеграции.

Во следниот мандат градиме уште поодговорни и уште поотворени институции, силно посветени на интересите на граѓаните.

Следува период на структурни реформи во јавната администрација, за да стане уште поефикасна. Граѓаните и стопанството во неа да препознаат силен и доверлив партнер. Ако можевме да стекнеме доверба во здравствените работници следејќи ги нивните напори и пожртвуваност, убеден сум дека по тој пример сите јавни служби целата државна администрација може да даде максимум услуги кон граѓаните.

Една од поголемите реформи во институциите се случува токму денеска. Новата Влада во својот состав ќе има седум министри помалку, за уште поефикасна работа во интерес на граѓаните.

Пандемијата предизвикана од коронавирусот покажа дека дигиталните услуги и дигитализацијата на јавната администрација, не само што се неопходни, туку се и корисни и потребни, особено во услови на криза, кога и со преполовени капацитети се испорачуваат сите услуги.

Токму во таа насока ќе продолжиме и во следниот период. Но, самата дигитализација не е доволна ако администрацијата не е силна и ефикасна на сите позиции.

Ставаме силен фокус на промени во структурата, квалитетот и големината на администрацијата. Ќе разгледаме неколку модели за намалување на обемот на администрацијата за 20%, преку спојување на функции и надлежности на институциите, задолжително пензионирање на 64 години, пакети за трансфер во приватен сектор или предвремено пензионирање.

Следува целосна реорганизација на јавната управа преку оптимизирање и очекувано намалување на бројот на институциите, намалување на трошоците за работа, подобрување на управувањето и зголемување на ефикасноста во работата.

Она што е важно да се разбере е дека секој функционер, секој избран или именуван функционер е одговорен и учествува во исцртувањето на општеството што го посакуваме и кон кое се стремиме.

Не може личната амбиција да заврши само со изборот во некое државно тело.

Премиерот, секој министер, заменик министер, државен секретар, именуваните или избрани советници, директори и сите службеници во јавната администрација, треба секој ден од својот мандат да се запрашуваат: Што направив јас денеска за да ја оправдам довербата што ми е дадена? Го дадов ли својот придонес за визијата за остварување општество по мерка на граѓаните? Можам ли јас уште подобро и уште повеќе од ова?

Тоа се важни прашања, а одговорите на нив го определуваат нашето подобро или полошо утре.

Овие реформи ќе дадат резултат само ако се заокружени со вистински, суштински реформи во правосудството.

Почитувани,

Доаѓа време на ред, правда и дисциплина, време на прочистување на правосудството и неселективно владеење на правото.

Првиот чекор е веќе направен со надлежноста на Државната комисија за спречување корупција, да ја испитува имотната состојба на судиите и јавните обвинители. Судскиот совет од своја страна, согласно новите закони, најави детална проверка на работата на судиите, особено во врска со одредени постапувања по предмети кои беа доведени до застареност со одлагање или јасно препознавање на одлуки, судски или јавно-обвинителски во кои е заобиколен или прекршен законот.

Судиите за кои ќе се докаже дека свесно и намерно застарувале предмети, ќе бидат разрешени, но ќе има и ревизија на 5 отсто од судските предмети кои ќе бидат бирани по случаен избор.

Предметите отворени од Специјалното јавно обвинителство кои со години талкаат низ судските лавиринти, мора да добијат разрешница.

За уште поголема отчетност и еднаквост пред законите, воспоставуваме систем за проверката на потекло на пари и капитал кај секој функционер.

Силната посветеност во борбата против корупцијата и криминалот, ја докажуваме и преку тоа што за првпат. Владата добива вицепремиер за борба против корупција, кој ќе биде задолжен да ги координира напорите на институциите од извршната власт задолжени за борба против криминал и корупција, но и да алармира на можни случаи на висока корупција од страна на државни функционери и јавната администрација.

Силен ефикасен правен систем е важен за државата, за нејзините граѓани, но важен е и за интеграцијата во ЕУ и отпочнување на преговорите и отворање на првите поглавја кои најчесто се однесуваат токму на владеење на правото.

Почитувани,

Откако влеговме во НАТО, ќе покажеме дека можеме и во ЕУ, тоа е национален, повеќедецениски стратешки интерес.

Новата Влада останува сериозно посветена на реализација на Договорот од Преспа со Грција и Договорот за добрососедство со Бугарија. Тие договори обезбедија членство во НАТО и ја отворија вратата за преговори со ЕУ. До нивната целосна реализација остануваат обврските на кои посветено ќе работиме во духот на заедничкото разбирање со нашите соседи Грција и Бугарија, како и со останатите соседи Србија, Косово и Албанија.

Во претходниот мандат успешно ја заокруживме легислативата која произлегуваше од Охридскиот рамковен договор, со што до израз дојде најголемата придобивка со поставените темели за соживот и за взаемна доверба помеѓу различните етнички заедници во нашата земја. Од овие придобивки извира суштината на концептот Едно општество за сите, еднакво општество за сите.

Имавме моменти кога соживотот и меѓуетничката толеранција беа ставени на тест. Во тие моменти на искушение, покажавме дека заедно сме посилни, дека сакаме да живееме сложно и обединетo да напредуваме сите заедно.

Тоа е европски начин на решавање на отворените прашања. Тоа се европските вредности на кои што граѓаните на Северна Македонија искрено им се посветени.

Пред нас е период во кој како држава ќе добиеме многу повеќе отколку што ќе дадеме.

Пред нас се неповторливи четири години за воведување европски стандарди дома за трансформација на нашата земја на подобро.

Се обврзуваме за следните четири години да отвориме 80 отсто од преговарачките поглавја, а за шест години целосно да ги затвориме преговорите.

Во целиот тој процес на преговарање, преку европските фондови ни се ставени на располагање 2.5 милијарди евра, неповратни средства. Европски пари кои ќе ги користиме за носење европски стандарди дома, за инвестиции во здравството, образованието, земјоделството, инфраструктурата, културата и локалниот развој.

Оваа Влада на културата гледа како клуч во трансформацијата на нашето општество: промената на свеста, на навиките, на потребите, на однесувањето на сите граѓани, на секој од нас, кон подобро. Принципите и вредностите на кои инсистираме во оваа програма се клучни европски вредности: грижата за индивидуалните и колективните идентитети, заштитата на културното наследство, мултикултуралноста, грижата за различностите и ранливите граѓани, интеркултурниот дијалог, децентрализацијата, учеството и културната демократија.

Целта на Владата ќе биде да ја развива културата во сите нејзини сегменти. Да ги зајакне институциите кадровски, инфраструктурно, технички и програмски. Да ги подобри условите за работа надвор од институционалниот сектор и да создадеме мостови и практики на соработка. Да го унапредиме социјалниот статус и на вработените и да го валоризираме авторскиот труд на сите ангажирани во културата.

Истовремено, во согласност со европските трендови, предвидуваме мерки со кои ќе го искористиме потенцијалот на културата да придонесе во економскиот развој, особено на локално ниво. Ќе го засилиме присуството на креативните и критичките вештини во образовниот процес, но и во развојот на новите и иновативните бизниси.

Покрај безбедносните, следува период и на економски придобивки од нашето членство во НАТО.

Ќе формираме Центар за поддршка на домашните компании за учество во НАТО набавките, со цел уште во првата година на нашето членство во НАТО да обезбедиме целосна комуникација помеѓу нашите комори и релевантните НАТО агенции. Ќе ги охрабриме нашите домашни компании да се натпреваруваат на пазарот на НАТО кој тежи четири милијарди евра годишно.

Почитувани граѓани, почитувани пратеници

Во следните месеци пандемијата од коронавирусот веројатно ќе се влоши. Ги повикувам сите граѓани да ја сфатат оваа голема веројатност за сериозна, треба да знаеме сите дека животот во следните 6 до 8 месеци во услови на КОВИД-19 ќе биде многу потежок со сериозни проблеми повеќе од колку во летото. Нашата земја преку Владата со поддршка на претседателот на државата и парламентот ќе сторат се и веќе сме подготвени со нови пакети и мерки за поддршка и помош на целиот наш народ и на нашата економија.

Почитувани граѓани,

Сметајте на вашата земја и на вашите институции, коишто впрочем вие и ги плаќате, но сериозно укажувам почитувајте ги сериозните мерки за лична заштита и заштита на своите блиски и околината.

Периодот пред нас носи нови предизвици во борбата против коронавирусот и затоа најавувам уште поголема посветеност на здравствениот систем.

Затоа, инвестициите во јавното здравство ќе бидат со уште поголем интензитет.

Чекорите што ги презедовме во јавното здравство, покачувањето на платите и надоместоците, инвестициите во објекти и опрема, резултираа со силна посветеност на здравствените работници во борбата против невидливиот непријател.

Нема да застанеме тука, напротив, уште повеќе ќе инвестираме во здравството за тоа да стане уште подобро и уште поефикасно.

Со 33 милиони евра од Светска банка ќе ги опремиме сите одделенија за интензивна нега со модерна опрема, кревети, респиратори, рентген машини и сите останати потребни апарати да можат да пружат врвна здравствена заштита.

Платите на здравствените работници ќе ги зголемуваме по 10 отсто секоја година, односно до 2024 година тие ќе бидат повисоки за 40 отсто.

Продолжуваме со постапката за изградбата на нов, модерен клинички центар во Скопје кој ќе пружа интегрирани здравствени услуги.

Во борбата против коронавирусот, важно е да имаме ефикасен здравствен систем и мотивиран и посветен здравствен кадар. На тоа, постојано ќе работиме.

Фокусот на нашето внимание за поголеми шанси за успех ќе биде на лидерство низ експертиза и научен пристап, во кој главен збор има струката со која ќе се стремиме за единство при носење на одлуки.

Како и досега, транспарентноста и навременото информирање и партнерството со медиумите и отворената комуникација остануваат наши предности и приоритет.

Тоа што е сигурно е дека апсолутно нема место за “стоење на страна” и незаинтересираност во оваа битка. Секој мора да се вклучи, секој од нас да внимава повеќе и да вложи од себе многу повеќе. Загриженоста мора да ја претвориме во акција за да се обединиме околу стратегијата за справување со заканите од пандемијата и да имаме успешна завршница.

Новата стратегија ќе биде заснована на локализација на мерките, на континуитетот на успесите и на упорноста во спроведувањето на мерките на кој посебно и посветено ќе работиме.

Како одговорни политичари, но пред се како граѓани, се обврзуваме на силна, бескомпромисна борба против загадувањето.

Чистиот воздух и здравата животна средина се тема за која не смее и нема да има никаков компромис. Наша обврска е да обезбедиме чист воздух, чисти води и чиста почва и на тоа ќе сме силно посветени.

Ќе вложуваме во производство на електрична енергија од обновливи извори како сонцето и ветерот, и до крајот на овој мандат над 50% од вкупната инсталирана електрична моќност во нашата држава ќе биде од обновливи извори на енергија. Ќе ги зајакнеме инспекциските служби, но и ќе ги зголемиме казните за оние кои ја загрозуваат нашата заедничка животна средина. Но најважно од се, ќе спроведеме акции каде секој од нас ќе треба да се вклучи и да исчисти дел од заедничката средина. Знам дека она што денес сами ќе го исчистиме, утре нема повторно да го загадиме.

Почитувани,

Ова се принципите и вредностите околу кои се обединивме сите политички партии кои сме дел од парламентарното мнозинство и владината коалиција. Ќе сториме се што е можно и што зависи од нас да имаме соработка со опозицијата и од македонски и албански блок од политички партии за се што се однесува на стратешки интерес на државата и на сите наши граѓани.

Ова се вредностите кои ќе не водат во следните четири години, кои ќе бидат наш мотив да работиме уште повеќе и уште подобро.

За да се реализираат овие програмски определби, утврдив тим од посветени, одговорни и отчетни кадри кои ќе ги предводат министерствата. Станува збор за компактен тим од поединци со силно и значајно политичко искуство и личности со значајно стручно знаење и експертиза. Ова ќе биде мала ефикасна Влада. Влада која ќе воспостави ритам на трансформација заедно со граѓаните и со Европската Унија.

Дозволете да ви ги претставам министрите кои денеска како мандатар ги предлагам и кои ќе имаат чест и обврска во следните четири години да ги реализираат програмските определби во соодветните ресори:

За претседател на Владата, јас, Зоран Заев,

Артан Груби – за министер за политички систем и односи меѓу заедниците, кој ќе биде и прв вицепремиер на Владата

Љупчо Николовски – за вицепремиер за борба против корупција, за одржлив развој и човечки ресурс

Фатмир Битиќи – за вицепремиер за економски прашања;

Никола Димитров – за вицепремиер за европски прашања;

Радмила Шекеринска – за министерка која ќе раководи со Министерството за одбрана;

Оливер Спасовски – за министер кој ќе раководи со Министерството за внатрешни работи

Бојан Маричиќ – за министер која ќе раководи со Министерството за правда;

Бујар Османи – за министер кој ќе раководи со Министерството за надворешни работи;

Фатмир Бесими – за министер кој ќе раководи со Министерството за финансии;

Крешник Бектеши – за министер кој ќе раководи со Министерството за економија;

Аријанит Хоџа – за министер кој ќе раководи со Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство;

Венко Филипче – за министер кој ќе раководи со Министерството за здравство;

Мила Царовска – за министерка која ќе раководи со Министерството за образование и наука;

Јагода Шахпаска – за министерка која ќе раководи со Министерството за труд и социјална политика;

Горан Милевски – за министер кој ќе раководи со Министерството за локална самоуправа;

Ирена Стефоска – за министерка кој ќе раководи со Министерството за култура,

Јетон Шаќири – за министер кој ќе раководи со Министерството за информатичко општество и администрација;

Благој Бочварски – за министер кој ќе раководи со Министерството за транспорт и врски, и

Насер Нуредини – за министер кој ќе раководи со Министерството за животна средина и просторно планирање;

Почитувани пратеници,

Ова се личностите кои пред вас ги предлагам како кандидати за идни министри во новата влада која ќе предводам и за кои денеска од вас ја барам поддршката.

Станува збор за одговорни, угледни личности, докажани во своите области, мотивирани посветено да работат во остварување на целите кои пред нас ги поставуваме.

Вашите колеги од претходниот состав носеа тешки, но одговорни и исправни одлуки со кои државата ја поведоа напред на вистинскиот пат, на патот на развој, напредок и интеграција.

Од идната соработката со Собранието, ја очекувам истата одговорност и посветеност за да продолжиме по вистинскиот пат. За време на вашиот мандат водете се исклучиво од интересите на граѓаните, затоа што ја имате привилегијата токму вие да бидете нивни претставници онаму каде се носат одлуки. Слушајте ги вашите гласачи.

Истовремено, не заборавајте на обврската да бидете контролор и коректив на работата на извршната власт за да ни дадете дополнителна вредност во креирањето политики.

Првата можност за тоа, секако е денешното гласање за избор на нова Влада и очекувам дека мнозинството пратеници ќе даде поддршка на предлогот, за веднаш да започнеме со посветена работа во интерес на граѓаните.

Почитувани кандидати за министри,

Од вас очекувам иста одговорност. Да ги ставите интересите на граѓаните и државата на прво место. Имате привилегија во вашата работа да донесете добро за нашата држава и нашиот народ- Искористете ја!

Очекувам посветена работа и целосно да се вградите и да водите процеси кои носат трансформација на подобро. И никогаш не заборавајте дека секој од вас е одговорен и пред граѓаните и пред законите – нема толеранција за прекршување на законите или етичките норми, без разлика на функцијата која ја извршувате.

Со тоа немало и никогаш нема да има компромис.

Ако некој го прекрши законот ќе одговара, ако се прекршат етичките норми очекувам оставка или ќе има разрешување, ова се однесува и на сите директори и раководители, но и на целата јавна администрација, посебно да водите грижа за однесувањето на тие од вториот и третиот ешалон, раководители на сектори и одделенија. Шефовите во јавните институции, најголемите злоупотреби и неетички односи се прават токму таму, посебен однос на инспекторските служби.

Во последните три години воведувавме целосно нови стандарди во водењето на институциите. Покажавме дека може да се работи и чесно, и одговорно и професионално во ваш интерес и за интересите на државата.

Тоа, во следниот период ќе го правиме уште подобро и уште повеќе, затоа што знаеме и затоа што можеме.

Им благодарам на сите граѓани кои преку својата гласачка волја ја одредија насоката по која што треба да се движиме. Сега е време да сработиме. Заедно, во заеднички проекти и акции. Да го испорачаме она што заеднички го договоривме. Заедно со вас, со граѓаните, продолжуваме да испишуваме светли поглавја на нашата демократија и заедно да го чекориме патот до подобра иднина за сите.

Благодарам.

Последни вести