fbpx

Ковачевски по повод 11 октомври: Мојата визија е економски силна и стабилна држава полноправна членка на ЕУ

Facebook
Twitter
LinkedIn

Интегрален текст од обраќањето на претседателот на СДСМ Димитар Ковачевски

Драги мои кумановчани и кумановки, почитувани социјалдемократи, антифашисти,

Нека е честит и вековит 11 Октомври – Денот на народното востание.

Другарки и другари,

Социјалдемократскиот сојуз на Македонија, исто како и нашата државата, почива на вредностите и делата на Народно ослободителната борба.

НОБ и антифашизмот го трасираа нашиот патот, прво за слобода а потоа и за создавање македонска држава, за остварување на вековниот сон на многу генерации.

На борбата против антифашизмот и на херојството на нашите предци се поставени темелите на македонската државност. Благодарение на нив ние денес живееме во модерна, демократска државата, партнер на регионот и светот.

Мое, наше, херојско Куманово, денеска ечи гласно и со право, затоа зошто овде започна НОБ, овде и во Прилеп.

Тоа е нашата гордост каква што ја немаат другите, затоа што СДСМ е директен наследник на таа борба, на тие вредности и идеали, на тие паднати борци имињата се врежани во историјата на СДСМ, на тие што се бореле за независна македонска држава, а не на други којшто никогаш не се бореле за македонска држава а чии што имиња се врежани во политички партии којшто се наши противници.

СДСМ како ниту една друга партија во земјава е вградена во темелите на оваа држава, во нејзината борба за слобода, за независност, за меѓународно признание и просперитет.

Често го споменувам делото на првиот претседател на независна Република Македонија, Киро Глигоров. И денеска ќе го споменам повторно.

Со членка книшка број 001 во СДСМ, Глигоров во младоста беше и еден од учесниците на АСНОМ и дел од градењето на современата македонска држава. Благодарение на мудроста на Киро Глигоров Република Македонија ја избори својата независност на мирен и цивилизиран начин во виорот на југословенската војна. Тоа е оставштина и на Киро Глигоров и на СДСМ за сите сегашни и идни генерации на оваа држава.

СДСМ секогаш била, е и секогаш ќе биде на вистинската страна на историјата.

Ако првата битка која ја одреди македонската државност, беше битката против фашизмот, втората битка беше за независна, суверена и демократска држава, призната од целиот свет.

Третата битка почитувани другари и другарки, е битката денешна, моја, ваша и на оваа генерација. Тоа е политичка борба за европска Македонија.

За полноправно членство во ЕУ како Македонци, кои говорат македонски јазик и остварување на уште еден наш, национален, стратешки интерес.

Овој процес е во тек, почнавме преговори со ЕУ и наше е да го завршиме до крај и да станеме полноправна членка на ЕУ.

Да не дозволиме деструктивните сили кои сакаат да ја закочат земјата и да не вратат назад во некое мрачно минато да успеат.

Истите оние кои 11 години го валкаа делото на партизаните, пред 10 години им ги одзедоа просториите на Сојузот на Борци, пред 10 години на овој ден Сојузот на борците протестираа по улиците во Скопје за да си ги вратат просториите. Истите тие кои што ги оставија борците на улица, кои во своите статути се повикуваат на соработници на фашизмот а на партиските конгреси аплаудираа на погрешни личност од историјата. Не може тие да ја определуваат иднината на оваа држава.

Ова е заедничка политичка борба, на Македонците, Албанците, Турците, Србите, Ромите, Власите, Бошњаците, и на сите наши граѓани на независна и суверена Македонија.

Ова е политичка борба за подобро утре на сегашните и идните генерации.

Станавме членка на НАТО, на најголемиот воено безбедносен сојуз во светот и сега, кога во Европа беснее војна, гледаме колку е важно што сме дел од тој сојуз. Тоа членство во НАТО е резултат како што беше на независноста на СДСМ и Киро Глигоров во тоа време, како што патот до членството во НАТО беше резултат на премиери којшто беа од СДСМ, и премиерот Црвенковски, и премиерот Бучковски, и премиерката Шеќеринска, така членството во НАТО беше резултат на поранешниот претседател и премиер, Зоран Заев.

Почитувани граѓани,

Мојата визија, визијата на СДСМ и Владата кои ги предводам е реализација на децениската определба Северна Македонија да стане составен дел од големото семејство на Европската унија.

Јас, Димитар Ковачевски ја предводам оваа партија и оваа про-европска коалиција и решен сум, заедно со вас, да ја оствариме оваа цел до 2030 година.

Немам дилема дека ќе успееме. Посветени сме и подаваме рака секој да се вклучи во процесот што ќе ја заокружи македонската европска иднина. Затоа што тоа е највисока форма на модерниот патриотизам.

Во нашата држава имаме два концепти, Едниот е нашиот, прогресивен концепт. Вториот е на минатата власт, на денешната опозиција. Тие само декларативно се за членство на Македонија во НАТО и во ЕУ, ниту една одлука до сега не поддржале. Единствено нешто што сакаат е граѓаните да ги направат горди, ама горди да седат изолирани на мала маса, сами, дома како што седеа 11 години, раскарани внатре, раскарани со соседите и надвор од масата во Брисел во ЕУ.

Другиот концепт е мојот концепт, концептот на европска Македонија, со крената глава, со македонски јазик, со заштитен македонски идентитет, како Македонци да одиме напред и да преговараме со ЕУ на големата маса за полноправно членство во унијата. Јас знам дека ќе биде тешко и сите знаеме дека ќе биде тешко. Не е лесен тој пат, но мора да се донесат одлуки кои што ќе ги однесат сегашните генерации и идните генерации кон големата награда членство во ЕУ затоа што нашите деца заслужуваат и подобри работни места и поголем животен стандард ама тука во Македонија членка на ЕУ а не да ги напуштаат родните огништа и да одат во ЕУ.

Ако во 40тите години од минатиот век патриотизам беше да се земе пушка в раце и да се победи фашизмот, денес патриотизам е да се обезбеди стабилна и сигурна сегашност и иднина за нашите генерации.

Денес, патриотизам е македонскиот јазик да е еднаков со останатите јазици на ЕУ, патриотизам е во ек на најголемата економска и енергетска криза во повоена Европа нашите граѓани да имаат повисоки плати и пензии, ранливите категории граѓани , да имаат деловните компании помош од државата за да се задржи нивната ликвидност и да имаат навремена финансиска помош од државата. Тоа е денес патриотизам. Секој ден да се биде на работното место, секој ден да се работи со колегите во Владата, секој ден да се контактира со партнерите во ЕУ и со соседите за да се обезбеди најдобро можно поминување на зимските месеци кои ќе бидат најтешки после Втората светска војна, е тоа е денес патриотизам.

Сето ова што го говорев пред малку ние го остваруваме и сме горди на тоа.

Одново СДСМ како државотворна партија е таа која ги штити интересите и на државата и на сите граѓани во неа.

Како што кажав и многу пати претходно, пред нас е можеби најтешката зима во историјата на повоена Европа, но ние сме целосно подготвени да се справиме со сите предизвици.

Преземаме навремени и ефикасни чекори за побрзо и полесно надминување на последиците, со што помалку штета по граѓаните, по економијата и државата.

СДСМ и во оваа криза уште еднаш ќе покаже пример како се работи посветено, чесно и одговорно за својата држава и за граѓаните на својата држава.

Сите предизвици заеднички ќе ги минеме и да бидете горди што сте членови на СДСМ. Тоа е партијата која обезбеди независност заедно со граѓаните на државата. Тоа е партијата која во 2001 година беше разумот во оваа држава кога го правевме Охридскиот рамковен договор. Тоа е партијата која што ги направи односите со соседните држави да доликуваат на односи со соседни држави. Тоа е партијата која што ја внесе државата во НАТО и тоа е партијата која што обезбеди почеток на преговорите на Република Северна Македонија со ЕУ, со чист македонски јазик, со заштитен македонски идентитет на сите граѓани кои што живеат тука и со историските прашања надвор од преговарачката рамка. Ете затоа да бидете горди што сте членови на СДСМ. Вие сте членови на една прогресивна партија која што секогаш оваа држава ја водела напред кон подобра иднина. Затоа што целта пред нас на тој тежок пат кој ќе го изодиме сите заедно е членство во ЕУ, не постои друга алтернатива, никој не спомнува друга алтернатива.

Ве поздравувам сите , ви го честитам овој голем македонски празник и да се гледаме во нови победи за победничка Македонија!

Последни вести