Пратениците имаат мандат од граѓаните да одлучуваат и работат согласно Устав, Закон и Деловник. Граѓаните на денот на изборите им го предаваат тоа право, обврска и одговорност на пратениците и се што е во рамки на Уставот и законите пратениците го работат, рече денеска во одговор на новинарско прашање претседателот на СДСМ и премиер, Димитар Ковачевски.
-Видов одговор пред некое време, вели пратениците немале мандат за уставни измени, тоа не е така. Пратениците добиваат мандат од граѓаните и работат согласно Устав, Закон и Деловник за и носат одлуки кои што според Устав, Деловник и Закон и тоа е улогата на секој пратеник, бидејќи граѓаните на денот на избори им го предаваат тоа право, обврска и одговорност на пратениците. И се што е во рамки на Уставот, на Законот и Деловникот тоа пратениците го работат. Така било, така е и така ќе биде и во иднина, согласно нашиот Устав, рече претседателот Ковачевски.
Претседателот Ковачевски додаде дека во Програмата на Владата стои членството во ЕУ што подразбира носење одлуки за зачленување во Унијата и праша каде во програмата на ВМРО-ДПМНЕ стои фрлање молотови коктели врз Собранието?
-Ако ја погледнете програмата на Владата којашто е составена од страна на сите коалициони партнери, и кои што го имаат и парламентарното мнозинство во Собранието, таму стои придружување и зачленување во Европската унија. Тоа значи носење одлуки за зачленување во Европската унија. А каде во програмата на ВМРО-ДПМНЕ стои дека ќе фрлаат молотови коктели и ќе прават насилни протести во Скопје кога ќе дојде европски предлог, како што беше во јули? Каде во програмата на ВМРО-ДПМНЕ стои дека ќе ги блокираат сите закони во Собранието до ниво да не се одобрува финансиска помош во време на најголема светска економска и енергетска криза. Каде стои во програмата на ВМРО-ДПМНЕ дека ќе ја блокираат демократската работа на Собранието со вувузели со викање и со навреди? Тоа никаде не стои во програмата а го прават, рече претседателот на СДСМ и премиер, Димитар Ковачевски.
Уставните измени се една од одлуките коишто Северна Македонија треба да ги донесе до полноправното членство во ЕУ. И тоа не е процес од еден ден и не е процес кој се повторува, процесот на пристапување е единствен процес и се прави еднаш и еднаш се влегува во ЕУ, додаде тој.
Обврска на сите пратеници во Собранието, на сите 120 е да го поддржат и да не го стопираат патот на зачленување во ЕУ бидејќи тоа значи градење на попросперитетна и поразвиена Северна Македонија.
-Од тие причини и врз основа на тие претпоставки тоа не е ниту процес на еден човек, ниту на една политичка партија, ниту процес на една Влада. Тоа е широк општествен и политички процес којшто бара консензус. Кога други држави пристапувале во ЕУ сите потврдуваат, земете го примерот на Хрватска, таму темата на пристапување не била тема на политичка дебата и на политички уцени. Бидејќи ние во моментов во државата имаме политичка уцена, бидејќи една политичка партија, две политички партии практично каде што лидер е партијата Левица и нивниот приврзок ВМРО-ДПМНЕ велат ние не поддржуваме уставни измени. Зошто?! И нема причина, бидејќи нема алтернатива, рече претседателот на СДСМ и премиер, Димитар Ковачевски, во одговор на новинарско прашање за време на неговата денешна работа посета на Универзитетот Гоце Делчев во Штип.