Обраќање,
Стево Пендаровски, заеднички кандидат за претседател
01.05.2019
Почитувани граѓани,
Се наоѓаме пред историски избори за нашата земја, избори на кои одлучуваме помеѓу два дијаметрано различни концепти за државата и за нејзината иднина.
Мојот концепт е да продолжиме Напред и да ја обновиме економски земјата, да се обединиме околу европските цели. Да градиме пријателства со соседите и да работиме со љубов за државата.
Другата страна има намера да се вратиме назад, да поништиме се што е направено сега и така поделени и скарани, без идеја за иднината повторно да ја втурнеме земјата во изолација, во блокади и во нова крајна неизвесност.
На другата страна не постои одговор како земјата ќе оди Напред, како економски ќе се развиваме ако сме изолирани. Како планираат да влеземе во НАТО и во ЕУ без договор со соседите, за нив е најважна политиката на една партија на белиот дворец граден со наши народни пари. За нив аболициите и амнестиите се поважни од доброто на сите граѓани на оваа земја.
Иднината за која јас се борам да бидеме членка на НАТО со почнати преговори со Европската Унија, само така е можно драстично економско зајакнување со добро платени места, со новоотворени можности за младите, земја во која има строги стандарди и правила по кои работат и институциите и службениците. Земја во која политиката не дели, туку обединува.
Како претседател на сите граѓани нема никогаш да ве делам по вера, нација или по јазикот кои го зборувате.
Нема да дозволам укинување на правата кои ги имаат нашите сограѓани од етничките заедници и кои се загарантирани со Уставот.
Ќе се заложам за целосна контрола врз власта и секогаш ќе стојам на страната на обесправените.
Правда мора да има и како претседател нема никогаш да дозволам аболиција на криминалци или насилници кои се закана за демократијата, слободата и вољата на граѓаните.
Почитувани,
Во Недела Вие одлучувате во каква држава сакате да живеете и каква иднина ќе имаат Вашите деца.
Вие и Вашиот глас сте клучни и носите историска одлука. Дали ќе одиме Напред, или режимот ќе не враќа Назад.
Затоа на 5ти мај да излеземе сите масовно и да го дадеме нашиот глас за да продолжиме Напред.