Обраќање,
Стево Пендаровски, заеднички кандидат за Претседател на Република Северна Македонија,
Скопје, 09.03.2019
Би сакал да ви се заблагодарам за вашата храброст и упорност да се справувате со секојдневните проблеми, а во исто време да бидете стожер на домот и во општеството. Да ги исполнувате обврските на работното место, а да се грижите секојдневно за семејството. Да се борите за правдата во судниците, да се грижите за болните и изнемоштените во болниците, да ги подучувате најмладите на вистинските вредности за да израснат во здрави личности, да ги браните боите на нашата земја низ светот.
Знаеме дека иако пред законите сме формално исти сите, сепак, за жал,сеуште постојат девојки и жени кои не можат слободно да се движат, да учат, да работат. Ние денес и за нив ја продолжуваме борбата. За оние кои се жртви на семејно насилство, за оние кои немаат право да го кажат својот став.
Верувам дека секој ваков собир придонесува за кревање на гласот, за исправање на овие неправди. Цврсто сум убеден дека светот ќе биде подобро место за живеењесамо ако сме сите еднакви.
Драги дами,
Светот нема да биде ист без вашето присуство, без вашата испиративност, вашата креативност и топлина, вашата неизмерна љубов. Ви се поклонувам и ви се придружувам во желбата да се исправи вековната неправда, затоа што колку што една жена е кревка надворешно, толку има цврстина и стаменост, внатре, во секоја од вас.
Мои дами, застануваме еден до друг, и продолжуваме заедно во борбата за глобалниот свет на еднакви права.
Денешниот собир нека биде поттик да веруваме во еднаквите можности за сите. Затоа, да најдеме сила длабоко во себе и да ја употребимеза да го подобриме светот, инаку, во спротивно,некои други ќе го направат тоа наместо нас.
На крај, дозволете ми да завршам со мислата на едно мало девојче кое покажа епска храброст, Малала Јусафзаи, во една прилика рече: “Ниедна битка не е добиена без жените да стојат рамо до рамо со мажите. Постојат две сили во светот, едната е мечот, другата е пенкалото (со која ние срушивме режим!!!). Постои и трета сила, посилна од двете, онаа на жените“.
Драги мои, јас верувам во овие зборови, бидејќи и јас имам едно девојче кое постојано стои до мене.
Нека е среќен 8 март, меѓународниот ден на жената!