fbpx

Претседателот Заев: Со гордост го честитам 27-от роденден на СДСМ!

Facebook
Twitter
LinkedIn

Обраќање,
Претседател на СДСМ, Зоран Заев,
21.04.2018

Драги сограѓани, драги сопартијци,

Со гордост го честитам 27-от рoденден на Социјалдемократскиот сојуз на Македонија!

СДСМ покажа што значи да се биде европска, демократска, прогресивна партија којашто води напред!

– Се отворивме за сите граѓани.

– Се фокусиравме на реформите и европските вредности.

– Се посветивме на квалитетот на живот на граѓаните, на економија што носи нови и подобро платени работи места, на социјален систем што се грижи за сите.

И постигнавме!

Пред датум за почеток на преговори со ЕУ сме!

Пред очекувана покана за НАТО сме!

За нашите граѓани тие значат сигурност – но и економија! Човекови права – но и инвестиции! слобода – но и повисок животен стандард!

За Македонија тие значат развиена, безбедна и стабилна држава.

Надминавме многу предизвици и по долги години Република Македонија е веќе движечка сила, во меѓународни рамки!

Изградивме мостови дома, во регионот и во светот.

Градиме мостови и таму каде што никој не веруваше дека е можно да се постават.

Денеска Македонија е слободна, демократска држава, пријателка со соседите и светот – земја на развој!

Тоа не го сработивме сами. Тоа го сработивме заедно со граѓаните.

Но, потребна`и беше на нашата Македонија политичка сила којашто ќе го препознае моментумот, дека треба да се здружиме со граѓаните, да гледаме широко, да создадеме шанси за сите, да се обединиме во едно општество за сите!

Заедно со граѓаните, без разлика на какви било различности, да донесеме добра сегашност и перспективна иднина за Република Македонија.

Мои сопартијци, социјалдемократи, за тоа што го направивте, за тоа што се одваживте да застанеме повторно зад државните интереси – ви честитам!

За тоа што верувавте во нас драги граѓани, за тоа што влеговте со ум и со срце во промените, за слободна, современа, прогресивна Македонија, за тоа што одлучно продолжуваме заедно – ви благодарам!

Социјалдемократскиот сојуз на Македонија докажа, низ годините и денес, дека е државотворна партија, дека знае да учи од своите и од туѓите грешки, дека има капацитет, желба, волја, енергија, сила – да предводи – напред!

Ни треба повеќе од секогаш единство, трпение, мудрост, храброст.

Ја добивме честа од граѓаните да ги претставуваме. Да ве видам сакам сите одговорни и на висина на задачата.

Да работиме чесно, отчетно и транспарентно!

Да бидеме отворени за сите!

Да работиме со сите!

Да помагаме на сите!

Ова не е моја желба. Ова е обврска што си ја поставив себе си и ја очекувам од секој еден од вас.

За сите има и ќе има место на ова парче убава земја – нашата Република Македонија!

Последни вести