Одговори на новинарски прашања,
Зоран Заев, претседател на СДСМ
Скопје, 19.03.2018
Медиуми: Господине Заев, кога е најавено да дојде Никос Коѕијас овде во Скопје?
Како што сум информиран тоа е 22 или 23 март, не ги знам точно термините кога доаѓа, но знам дека тоа е оваа недела, а при крај на следната недела е средбата со Метју Нимиц.
Медиуми: Што очекувате да биде разговарано?
Ова се следни чекори на можност да се приближиме кон решавањето на проблемот којшто Грција го има со нашето Уставно име. Јас верувам дека секако тоа е можно да се изнајде, оптимист сум ако притоа водиме сметка за достоинството и за идентитетот и апсолутно мене ми е важно како тоа го прима грчката јавност, дали тоа ќе биде прифатливо низ институциите, а верувам и за грчките политичари и за премиерот Алкесис Ципрас. Треба да е важно како тоа ќе биде прифатено овде кај граѓаните на Македонија, но и како тоа ќе помине низ институциите на системот. Ние сме сепак само поединци кои преговараат, на крајот, институциите на Република Македонија и на Република Грција, се тие коишто одлучуваат. Верувам дека може да се направи исчекор. Можеби не да се реши до крај, но да се направи исчекор како би се приближиле, заради тоа што и деновите и месеците се трошат и одминуваат, а ние сакаме до летото да биде решен овој проблем, а гледам дека и грчката страна сака да биде решен.
Медиуми: Антикорупциската комисија е во оставка. Како очекувате понатаму да се развива овој проблем, дали можеби во блиска иднина да се докомплетира овој состав?
Прашањето е на Парламентот, јас само тоа што го прочитав од медиумите го знам. Знам дека неколку луѓе поднеле оставка и знам дека се спремаат измени и дополнувања на законот. Она што мене ми е важно јас ќе го кажам, апсолутно експертска, професионална, независна поставеност ова е една од најсериозните чек енд баланс институции или најсериозните корективи на извршната власт, но секако и еден од главните органи коишто се бори против корупцијата во општеството. Затоа, очекувам навистина експертска и професионална поставеност на Антикорупциската комисија.
Медиуми: Имаше критики од амбасадорот Џес Бејли во поглед на одлуките на Советот на Јавни Обвинители за изборот на обвинители, иако немате директни ингеренции таму, какви се вашите очекувања таму, порака можеби?
Јас ако дадам очекувања или порака ќе биде толкувана како мешање. Секако, јавноста е гласна, има слобода дебатата е отворена и согласно тоа секој треба да се води како чувствува и како мисли дека е најдобро за него и за институцијата во којашто работи, раководи или слично. Значи, не би сакал да навлегувам во подетални коментари. Би сакал само да додадам за ова што се случува следните денови, а секако побудува внатрешна реакција кај мене и должен сум да го споделам со јавноста. Протестот е уставно право и дозволиво е протестирање на граѓаните и тоа право коешто треба да се ползува, но тоа што се прави пред домовите, пред дечињата на пратениците, пред членовите на нивните семејства и нивните родители, апсолутно е недозволиво заради тоа што е кршење на приватноста на домот. Се упатуваат диретни закани, омаловажувања и целосно сеење став и трепет кај дечињата. Ние нема да дозволиме тоа така да продолжи, МВР секако презема дејствија, овде има неколку кривични дејствија којшто се прават. Сакам да знаат сите дека дечињата на пратениците лично јас и се што постои околу мене ќе ги заштитам.
Медиуми: Господине Заев, со оглед на носењето на законот за јазици и најавите за протести на ВМРО ДПМНЕ влагаме ли во некое ново подглавје на политичка криза, тука е секако и прашањето за името ?
Јас верувам дека не, секако доказите коишто постојат, знаете како, од овие Вибер групи формирани од ВМРО ДПМНЕ за организирање на протестите, кога имате 20 луѓе барем двајца ги споделуваат и со опонентите, така што се е јасно кој стои зад протестите и како нив ги организира. Апсолутно е јасно и кој какви пари прима и од каде прима пари, убаво е барем да споделат со по тие 30-40 луѓе и парите коишто ги добиваат за ваквите протести. Она што сакам да го кажам е дека тоа што се направи во Собранието, согласно правото на претседателот на Собранието, да констатира неделовничка и неуставна можност за да се разгледуваат амандманите, веројатно беше и единственото решение, после одлуката да се блокираат со 36.000 амандмани и сето она што значи функционалност на Парламентот. Она што е важно и треба да го сфатат сите е дека ние сме мултиетничка земја. Многу е лесно да го посеете семето на национализмот во мултиетничка земја, прашањето како да изградите општество во коешто секој ќе се чувствува рамноправен. Апелирам, нека се пушти законот, нека живее, нека го види светлото на денот, и ќе видат сите дека не е болка за умирање, јазик е, употреба е, јазикот е да се разбереме, ништо нема да се промени во Македонија. Од тој аспект, навистина се безобразни лагите да се зборува дека не знам, во Источна Македонија ќе морало да се учи албански јазик, ќе имало казни ако не се знаело, администрацијата ќе морала да учи албански јазик или слично, ова се лаги со опашки. Пуштете го законот, нека живее и да видат сите дека апсолутно само може да го јакне ова едно општество за сите, кадешто ќе имаме рамноправни граѓани, коишто сите заедно ќе бидат зафатени за она што е важно за сите, а тоа е здравство, образование, економија, инфраструктура, борба против корупцијата, она што живот значи за сите граѓани.
Медиуми: Во делот за политичката криза…?
Не, апсолутно мислам дека не, заради тоа што работните групи колку што јас знам продолжуваат, разговараат за реформите, јас продолжувам со мојата обврска за информирање и на опозицијата но и на Претседателот на државата, она што секако стига како потреба за информирање. Веројатно после средбата со Метју Нимиц ќе следува уште една лидерска средба, апсолутно тоа за мене е обврска на сите чинители во општеството и треба да продолжиме во тој правец, а верувам дека нема ниту мали шанси за било каква политичка криза во државата.
Медиуми: Околу проширувањето на Парламентарното мнозинство најавивте, викендов имаше и коментари од Алијанса за Албанците, можно ли е, ги почнавте ли преговорите да се прошири Парламентарното мнозинство?
Не, не сум почнал се уште, оваа недела планирам да почнам разговори да разговарам со партиите коишто имаат пратеници во Собранието, а досега не се дел од парламентарното мнозинство и како што ќе течат разговорите, веднаш ќе споделувам и соопштувам преку вас новинарите и медиумите до јавноста.