Изјава за медиуми,
Петре Шилегов, кандидат за градоначалник на Град Скопје
Скопје, 30.09.2017
Добар ден,
Младите во Бутел, младите во Скопје ќе имаат суштинска улога и значајно место во општественото живеење, за разлика од досега кога беа игнорирани, запоставени и заборавени.
Вие, помладите сте нашата иднина. За Вас работиме, за Вас создаваме, за во иднина да можеме на вас да се потпреме.
Јас и мојот тим, како и градската администрација која што ќе ја водам, ќе бидеме отворени за младите, а одлуките ќе ги носиме во консултација со нив.
За младинските политики, образованието и институциите на културата ќе формираме младински совет составен од претставници на младинските организации, учениците и студентите. Вложуваме во младите, отвораме центри за започнување и за развој на бизниси и стимулирање отворање на работни места соодветни на нив.
Воведуваме посебен фонд во градскиот буџет за поддршка на млади таленти во градот. Тоа е инвеститиција во нашата иднина.
Градиме нови средни училишта и ќе ги подобриме условите за учење и работа на средношколците.
Почитувани пријатели, драги сограѓани,
Младите се најзначајна категорија за исселување од Македонија. И тие се најризичните и оние кои што досега се исселуваа. Токму заради тоа мораме да обезбедиме нови пристапи за нивно задржување и подобрување на квалитетот во нивниот живот. Нудиме програми во градот, кои што ќе го исполнат слободното време на младите и нивните активности ќе ги исполниме со квалитетни културни активности и содржини.
Ве повикувам на 15 октомври да ги поддржиме промените на локално ниво, за да создадеме услови младите да останат тука во Бутел, во Скопје, во Македонија, затоа што без младина државата не ни ја бидува.