Дел од обраќање,
Љупчо Николовски, член на Извршен одбор на СДСМ
Валандово, 26.09.2017
Ефикасна локална власт која што ќе биде сервис за граѓаните и за нивните потреби најави Љупчо Николовски, член на Извршниот одбор на СДСМ, синоќа од Валандово.
„Ќе добиеме општина во која ќе се гради по план, ќе има инфраструктура за сите и општина која што ќе биде сервис за граѓаните. На овие избори треба да им биде јасно дека нема да се штанцаат решенија за социјална помош, нема да се штанцаат решенија за болни и немоќни, не може да се злоупотребуваат ресурси, институциите ќе им дишат во врат затоа што мора да биде изразена слободната волја на граѓаните. А граѓаните кога гласаат слободно, гласаат за правда, за демократија, за слобода, за живот и гласаат за Македонија“, рече Љупчо Николовски.
Николовски, заедно со кандидатот за градоначалник Перо Костадинов, побара поддршка од граѓаните за во Македонија да продолжат реформите и на локално ниво, како што изминатиов период се случуваат промените на централно ниво.
„Денес Македонија има Влада која што е демократска и реформска, Влада која што по сите истражувања ужива огромна поддршка од сите граѓани во државата. Имаме премиер во кој што веруваат огромно мнозинство на Македонци, Турци, Албанци, на Власи, на Роми на Срби на сите заедници. Веруваат граѓаните затоа што имаме премиер и Влада која што дојде од граѓаните. Успеавме да формираме реформска и демократска влада. И тоа го покажавме на дело во овие 100 дена. Граѓаните се нашата грижа. Почитувани граѓани промените што ги направивме на централно ниво, ќе се случат и на локално ниво, порача Николовски.
Николовски додаде дека кандидатите на СДСМ за градоначалник и за советници ќе добијат огромна поддршка во Валандово и дека тука ќе се слави победа во првиот изборен круг.