Обраќање на Осмомартовскиот Марш
Цветанка Ласкова, координаторка на Форумот на Жени на СДСМ
Гевгелија, 05.03.2017
Почитувани другарки.
Мили пријателки.
Драго мое семејство.
Голема е честа и денеска во пресрет на 8-ми март да зборувам од името на сите вас и повторно да се чуе гласот на жените – социјалдемократки!
ЗА ЕДНАКВОСТ – ЗА ЖИВОТ!
Денес овде во Гевгелија е цела Македонија.
Од ова место, од овој плоштад ние жените гордо и недвосмислено го креваме гласот за нова страница во македонската историја.
Изминавме долг и тежок пат последните 10 години соочени со:
– сиромаштија, со неправда
– економско пропаѓање
– со корупција и криминал
– со уназадување на веќе стекнатите права
– со тагата по нашите синови и ќерки кои ни заминаа во странство барајќи подобар живот.
Но драги мои, ДЕНЕСКА СИЛНО СВЕТНАЛ ДЕН!
Сите ние жени – членки и симпатизерки, поддржувачи на вистинските вредности, СЛОБОДА, ПРАВДА, ДЕМОКРАТИЈА, следејќи го патот на идниот премиер Зоран Заев покажавме и докажавме дека сме истрајни, силни, храбри, достоинствени и верни на овие вредности.
Нашата цел е да живееме во праведно, хумано и демократско општество, еднакво за сите!
Ние знаеме како!
И во тешките денови зад нас, се изборивме:
– за квота од 40% на помалку застапениот пол во сите органи и тела во партијата, но таа статутарна одредба беше внесена и во изборниот законик, со што направивме историски исчекор за сите жени во Република Македонија.
– Борбата против семејното насилство и насилството врз жените продолжува…ќе ја ратификуваме Истанбулската Конвенција.
Во нашата програма зацртавме конкретни мерки:
– за зголемување на бројот на жени претприемачи
– за плаќање на прекувремените работни часови
– за вработување на жените во руралните средини и поддршка на жените фармерки
– за еднаква плата на жените и мажите за иста работа
– за воведување на флексибилно работно време за мајките со мали дечиња
– изградба на поголем број детски градинки и воведување на втора смена во работењето
– за заштита на бремените жени – работнички
– на возрасните жени работнички на возраст 57 години ќе им биде овозможено да добијат неполно работно време од 6 часа до наполнување на 60 години примајќи ја целата плата
– на жените пак со наполнети 60 години ќе им биде овозможено да работат 4 часа, до исполнување на условот за пензија, односно 62 години, а притоа да примаат целосна плата
– тука се и бесплатните сервиси за помош на еднородителските семејства и самохраните мајки
– тука е ослободувањето од многуте давачки за семејствата со плата под просечната.
Сите овие мерки ќе придонесат за економски стабилни и спокојни семејства, за нормален живот во Македонија.
Македонија била и ќе биде вековна и европска!
Таа е наша татковина – земја на сите граѓанки и граѓани кои живеат во неа!
Почитувани пријателки,
Дозволете ми да ви кажам едно големо БЛАГОДАРАМ за вашата истрајност, заедништво и упорност во сите овие години.
Дозволете ми од ваше име да се заблагодарам на раководството на СДСМ и нашиот претседател Зоран Заев за храброста, одважноста и мудроста во чекорите, со кои сите заедно ги направивме промените за живот во Македонија.
Тие промени се случија и не доведоа кон новата одговорна влада што ќе ја води СДСМ, а којашто ќе се грижи за сите граѓани на РМ независно од каква било различност вклучувајќи ја и родовата.
Борбата за изградба на уништениот систем на функционирање во Македонија – продолжува!
Не чека многу работа !
Свесни за тоа, како никогаш до сега, ние жените социјалдемократски ова го можеме, го знаеме и ќе го направиме!
Македонија ќе биде место за живеење на слободни и еднакви граѓани!
Најавувавме ново време!
Ќе има еднаквост – ќе има живот!