Триста матуранти од трите средни училишта во Струмица, денеска, точно напладне танцуваа Квадрил со што беа дел од традиционалната матурска парада кој што се одржа во 120 градови од 15 европски земји. Учесниците на парадата ги поздрави и им посака се најубаво во понатамошниот живот, градоначалникот на општина Струмица и претседател на СДСМ, Зоран Заев.
-Да се биде дел од од овој интернационален матурски бал е вистинска привилегија и задоволство. Да се танцува денес на струмичкиот плоштад заедно со цела своја генерација, за секој од Вас претставува настан кој се памети цел живот. По многу години, првите зборови од нашата неофицијална струмичка химна „Еден прекрасен мајски ден“ ќе ви бидат и први зборови на Вашите убави сеќавања, кога со радост ќе зборувате: „Еден прекрасен мајски ден, ние матурантите, танцувавме на музиката од Штраус. Она што треба да го знаете е дека идеен творец на „Матурскиот бал“ е Томаж Амброж од танцовата школа „Уршка“ од Љубљана, и дека првиот таков бал се случил во 2001 година во главниот град на Словенија, по што од година во година, истиот добивал се поголеми меѓународни димензии. Во синхронизираното танцување на матурантите, Македонија се вклучи во 2007 година, а Струмица е дел од него од 2008 година. Навистина е чест и задоволство за нашиов град, што во континуитет ја негува таа традиција и со тоа е составен дел од разиграната младост на стариот континент.
Убаво е чувството, кога се знае дека во овој миг, во 120 градови од 15 европски земји, матурантите имаат една единствена мисла, како со танцот да му се спротивстават на насилството. Се надевам дека играњето „квадрил“ по музиката од Штраусовата опера „Лилјакот“, ќе ја оствари својата мирољубива цел. Секоја година, еден од стремежите на организаторите и матурантите е да се постави нов Гинисов рекорд во синхронизирано танцување. Јас тоа од се срце ви го посакувам, но сметам дека најважно од се е убавото дружење и воспоставувањето на нови мостови на пријателство, соработка и разбирање помеѓу младите. Бидете горди што сте дел од сево ова, како што јас и општина Струмица сме горди на Вас. Од мое лично име и од името на сите сограѓани, ви го честитам матурирањето и ви посакувам успех во Вашите идни животни епизоди. Сите предизвици, бариери и искушенија во искачувањето на животните скалила, совладувајте ги успешно и лесно, како што ги совладавте танцовите чекори од „квадрилот“. А сега, нека биде музика, нека биде Штраус, нека биде танц, нека се случи празник за окото, увото и душата, нека триумфира младешкиот полет како вовед во иднината, во која ви посакувам да сте секогаш успешни, весели и среќни, рече градоначалникот на Струмица и претседател на СДСМ, Зоран Заев.
Матурантите од општина Струмица по осми пат се вклучија во традиционалната матурска парада.