fbpx

Шукова со три итни мерки за Вардариште: 24 часовен надзор, оградување и забрана за влез

Facebook
Twitter
LinkedIn

Изјава за медиуми, Каја Шукова, кандидатка за градоначалничка на Град Скопје

Шукова со три итни мерки за Вардариште: 24 часовен надзор, оградување и забрана за влез

Кандидатката за градоначалник на Скопје, Каја Шукова, денеска одржа прес-конференција пред депонијата Вардариште, нагласувајќи дека над 150.000 жители од општините Аеродром и Гази Баба секојдневно се изложени на чад и загадување.

„Екоцидот во Вардариште мора да запре веднаш. Моето прво и најитно решение е воведување на 24-часовен надзор, целосно оградување на депонијата и забрана за влез на сите лица освен вработените од ‘Комунална хигиена’, за да престане палењето на отпад и да се заштити здравјето на граѓаните,“ рече Шукова.

Таа нагласи дека ова е интервентна мерка, која е неопходна пред да се премине кон долгорочни системски решенија, како изградба на нова претоварна станица, обновување на механизацијата и воведување на задолжителна селекција на отпадот.

„Скопје не смее да биде жртва на политички игри и празни ветувања. Вардариште мора да се заштити веднаш, а граѓаните да дишат чист воздух,“ додаде Шукова.

Во прилог ви го испраќаме интегрално обраќањето на Шукова:

Почитувани,

Над 150.000 жители на Аеродром и Гази Баба се гушат и се трујат од пожарите во Вардариште. Ова е опасно секојдневие на скопјани цели четири години, резултат на ВМРО-ДПМНЕ и Данела Арсовска.

Додека Скопје тоне во отпад, чадот од депониите го труе градот, Орце Ѓоргиевски не нуди решение, туку измама. А неговата партија, креатор на овој еколошки хаос, не презема ништо.

Едноставно, недозволиво. На овој екоцид мора веднаш да му се стави крај, а потоа да се обезбеди системско решение.

Јас нудам реално и рационално решение кое ќе го заштити Скопје и ќе стави крај на труењето во пет чекори:

1. Прво, интервентна мерка: веднаш оградување и обезбедување на Вардариште со 24 часовна физичка контрола и пристап само за вработените од „Комунална хигиена“, за да престане палењето на отпад. Тоа треба одма да се направи.

2. Современ проект – изградба на нова претоварна станица по сите стандарди и санација на веќе контаминираната локација.

3. Системско управување – целосен тек на отпадот, од собирање до финално депонирање во Дрисла, со задолжителна селекција како единствена разумна алтернатива.

4. Обнова на механизацијата – целосна замена на амортизираната и нефункционална механизација за собирање и транспорт на отпад.

5. Постојана контрола, надзор и мониторинг за обезбедување на највисоки стандарди.

Ова е вистинското решение за Скопје.

ВМРО-ДПМНЕ 4 години го остави градот да се дави во ѓубре. А денес гледаме како нивниот кандидат Ѓоргиевски нуди уште една лажна надеж, парк на најзагадената и технички најкомплицирана локација во главниот град.

Со тоа ветување, тој или свесно манипулира со граѓаните, или нема елементарно познавање што зборува.
Вардариште не може да биде парк, од неколку јасни причини:

Во тек е арбитражна постапка во Париз за проектот „Скопски колектор“ што минува токму низ Вардариште и пренамена е невозможна. Уште во 2017 година, со поддршка од ЕУ, изработена е документација која предвидува претоварна станица, а не парк. И во моментов тече јавна набавка за целиот регионален систем за управување со отпад, секоја политичка интервенција е штетна, незаконска и опасна.

Решението кое што го нудам е вистински и системски одговор на проблемот со отпадот, поаѓа од неопходноста на Скопје за претоварна станица за отпад и од еколошките нормативи и стандарди! Сè друго е само уште една голема лага од ДПМНЕ и Орце Ѓоргиевски.

Последни вести