Прес конференција на СДСМ, Богданка Кузеска – портпаролка
Неспособна и токсична власт, СДСМ бара политичка и кривична одговорност за еколошката катастрофа
Македонија е веќе опасно место за живеење. Ова што се случува е срам за една држава и една власт која тоне во хаос поради неспособност и рамнодушност.
Над 500 илјади жители на Скопје и околината се во опасност и здравствен ризик поради отровен чад од пожарите во Трубарево, Дрисла и Вардариште а власта се крие зад измислени приказни за хибриден напад.
На Скопје му се случува еколошка катастрофа а неспособноста власт нема ниту капацитет ниту знаење да се справи со состојбите.
ВМРО-токсична создаде хаос кој граѓаните го плаќаат со најскапото нешто, нивното здравје.
Скопјани се трујат со канцерогени материи ниту една институција не реагираше навреме, власта, институциите, закаснија со реакциите.
Додека граѓаните вдишуваа загаден воздух, на власта поважно и беше да ја обвинува опозицијата наместо да реагира веднаш и соодветно.
Ниту една институција не излезе навреме да каже барем основни информации и препораки што треба да прават граѓаните, колку е голема опасноста од пожарите, особено оној во Трубарево и како да се заштитат. А станува збор за горење на опасни, канцерогени материи.
СДСМ и претседателот Филипче беа првите кои реагираа и дадоа препораки до граѓаните да се заштитат.
По бурните реакции доцна вечерта Министерството за здравство излезе со некакви препораки, цитирам, „за подрачја каде постои ризик од загаден воздух да се остане внатре“ но не ги соопштува кои се тие подрачја.
Скопјани се уште не знаат колкаво е загадувањето, кои се опасните канцерогени материи и колкав е ризикот од оваа еколошка бомба, од оваа опасност во воздухот кој го дишат секој ден.
Остануваат отворени прашањата колкаво количество токсичен отпад изгоре вчера, колкава беше концентрацијата на отровни, корозивни и опасни материи за здравјето на луѓето кои се шират низ воздухот.
Дали денес воздухот во Скопје во кој се уште се чувствува мирис на изгорена пластика содржи отровни и канцерогени честички?
Дали е целосно безбедно да се биде на отворено во одредени делови на Скопје и околината, за деца, бремени жени, возрасни, болни?
Ова е врв на неодговорност и незаинтересираност. Оваа држава како да нема институции кои се способни нешто направат. Наместо горда, стана држава во хаос. Наместо твоја, Македонија изгоре.
Клучните луѓе во државата наместо да преземат одговорност и решенија измислуваат изговори и се обидуваат својата неспособност да ја префрлат на други.
Премиерот Мицкоски вели дека „воздухот во Скопје само изгледа загаден ама не е алармантен“.
Стојанче Ангелов зборува за хибриден напад, како да сме во шпионски филм, а не во реална еколошка катастрофа.
Панче Тошковски е целосно загубен помеѓу измислените приказни и префрлање на одговорноста на некој друг и исто како да не постои.
Орце Ѓорѓиевски не гледа чад, туку „политички пожари за политички поени“.
А граѓаните се гушат а не гледаат институционален одговор на оваа еколошка катастрофа. Нема ниту еден институционален план. Ниту една мерка. Ниту едно решение.
Ова е опасна комбинација на некадарност, безобразие и криминална рамнодушност.
Бараме:
-итна и темелна истрага за сите овие случаи и одговорност. Политичка и кривична одговорност за сите што го прекршиле законот но и за оние од институциите кои не постапиле навреме а имале обврска да го сторат тоа.
Одговорност за овој екоцид мора да има.
СДСМ уште еднаш предупредува: Македонија стана опасно место за живеење. Наместо држава, имаме шатор на циркузантска влада која прави шоу додека горат депонии и фабрики.