Портпаролката на СДСМ, Богданка Кузеска на денешната прес-конференција предупреди дека пожарот во Трубарево отвора многу прашања на кои институциите мора да одговорат, граѓаните мора да бидат информирани за загаденоста на воздухот и повика на одговорност за еколошката катастрофа.
Како што кажа Кузеска, остануваат отворени прашањата за тоа колкаво количество токсичен отпад изгоре вчера, колкава беше концентрацијата на отровни, корозивни и опасни материи за здравјето на луѓето кои се шират низ воздухот.
„Дали денеска воздухот во Скопје во кој се уште се чувствува мирис на изгорена пластика содржи отровни и канцерогени честички? Дали е целосно безбедно да се биде на отворено во одредени делови на Скопје и околината, за деца, бремени жени, возрасни, болни?“, изјави Кузеска.
Таа посочи дека ова што се случува со пожарите во Трубарево, Дрисла и Вардариште е врв на неодговорност и незаинтересираност, а клучните луѓе во државата наместо да преземат одговорност и решенија измислуваат изговори и се обидуваат својата неспособност да ја префрлат на други.
„Премиерот Мицкоски вели дека „воздухот во Скопје само изгледа загаден ама не е алармантен“. Стојанче Ангелов зборува за хибриден напад, како да сме во шпионски филм, а не во реална еколошка катастрофа. Панче Тошковски е целосно загубен помеѓу измислените приказни и префрлање на одговорноста на некој друг и исто како да не постои.Орце Ѓорѓиевски не гледа чад, туку „политички пожари за политички поени“. Граѓаните се гушат а не гледаат институционален одговор на оваа еколошка катастрофа“, рече Кузеска додавајќи дека нема ниту еден институционален план, ниту една мерка, ниту едно решение.
На прес-конференцијата Кузеска потенцираше дека целата состојба е резултат на некадарност, безобразие и криминална рамнодушност. Затоа како што кажа Кузеска, СДСМ бара итна и темелна истрага за сите овие случаи и одговорност.
„Политичка и кривична одговорност за сите што го прекршиле законот но и за оние од институциите кои не постапиле навреме а имале обврска да го сторат тоа. Одговорност за овој екоцид мора да има. Наместо држава, имаме шатор на циркузантска влада која прави шоу додека горат депонии и фабрики“, изјави портпаролката на СДСМ, Богданка Кузеска.