Изјава за медиуми, д-р Александар Трајановски, кандидат за градоначалник на општина Аеродром
Чист, безбеден и достоинствен Аеродром е мојата визија за современа и хумана општина
Драги сограѓани, мои Аеродромци,
Нашата визија за Аеродром е јасна: општина што дише чисто, живее уредено и се грижи за здравјето на своите жители.
Затоа, предвидуваме целосна реорганизација и зајакнување на комуналните и на инспекциските служби, како и воведување комунална полиција со широки овластувања. Таа ќе биде во служба на граѓаните, со задача да обезбеди ред, чистота и безбедност во секое маало, на секоја улица.
Во нашиот план предвидуваме редовно одржување на јавната хигиена и проширување на зелените површини, поставување нова урбана опрема, клупи и канти за џебен отпад на секои 150 метри, затоа што уреденото маало значи достоинствено секојдневие.
Ќе воведеме планско градење согласно со принципите на хуманото живеење, со нови спортски игралишта и зони за рекреација достапни за сите генерации.
Паралелно, ќе спроведеме континуирана инспекција и мониторинг на работата на сите загадувачи, како и серија активности за подигнување на еколошката свест кај граѓаните.
Субвенциите за алтернативни еколошки системи за греење ќе бидат дополнителен поттик секое домаќинство да стане дел од решението, а не од проблемот.
Грижата за здравјето ќе ја донесеме поблиску до луѓето, бесплатни амбулантни прегледи во секоја месна заедница, мобилни ортопедски тимови за возрасните и воспоставување локален здравствен совет кој ќе координира со службата за итна медицинска помош.
Аеродром мора повторно да стане место каде што се живее чисто, безбедно и достоинствено.
Ова е наша заедничка задача, да се избориме за нашите деца и за генерациите што доаѓаат.



