Соопштение за јавност
Претседателот на Социјалдемократскиот сојуз на Македонија, д-р Венко Филипче, на денешната прес-конференција, укажа дека извештајот на Европската Комисија потврди дека државата е во целосен застој – економијата е во стагнација, во образованието има дебакл, а институциите се парализирани.
„Во делот на економија и јавните претпријатија, има ограничен напредок кон функционална пазарна економија, реализацијата на јавни инвестиции останува слаба. Буџетскиот дефицит е поголем од планираниот. За жал овој извештај потврди дека државата во целосен застој, реформите се блокирани, институциите се парализирани, а европскиот пат е сведен на празна реторика без никаква реална содржина“, рече Филипче.
Она што загрижува како што кажа Филипче и е нотирано во извештајот е доцнењето на повратот на ДДВ кон компаниите.
„Во делот на даноци, тоа што исто така постојано предупредуваме и ни се жалат многу компании, постојани доцнења во повратот на ДДВ. Само 15% се обработуваат навреме, сериозно е загрозена ликвидноста на македонските компании“, рече Филипче.
Говорејќи за напредокот по области нотиран од Европската Комисија, Филипче укажа дека алармантни се и податоците во делот за образование, млади и иновации.
„Во делот на образованието, млади, иновациите – едноставно, дебакл. За образованието од БДП, наместо 3,7 проценти како досега, или зголемување како што е тоа потребно и како што сите сакаме, има само 3,2 проценти – што е сериозно под просекот на Европската унија. Поразително е што основните резултати во учењето се влошуваат, а и онака бевме на дното во Европа и светот – резултатите од ПИСА се полоши во сите области“, потенцираше Филипче.
Во земјоделството, како што кажа Филипче, во извештајот е нотирано дека нема нов закон, регионалниот развој е ограничен, се доцни и лошо се управува со прекуграничните програми.Исто така, и во делот за животна средина, нема закон за клима, нема усогласување со систем за тргување со емисии на Европската Унија.
„Објавувањето на извештајот на ЕК за напредокот ,со оцена дека Македонија не постигнала напредок на европскиот пат, ни испрати јасна порака каде се движи земјава изминатите година и пол под власт на ВМРО-ДПМНЕ“, рече претседателот на СДСМ, Венко Филипче.

