Соопштение за јавност
Претседателот на СДСМ, д-р Венко Филипче, на денешната прес-конференција, нагласи дека владата предводена од ВМРО-ДПМНЕ нема одговор на ниту едно суштинско прашање кое директно ги засега граѓаните, и наместо да креира политики за граѓаните и за наредок на државата, власта свесно креира дефокус преку јавен линч и црна кампања.
„На сите им е јасно што прават. Нема ништо за реалните проблеми со кои граѓаните се соочуваат секој ден. Само дефокус, јавен линч и црна кампања“, рече Филипче.
Притоа, Филипче укажа дека власта молчи за сериозните економски проблеми со кои се соочува државата.
„Нема одговор на вистинските прашања.За дупката во буџетот од 2 милијарди евра, за тоа што нема пари да се зголемат платите и пензии, за мигрантите, за црниот капитал преку Алата банка, за корумпираните тендерски постапки насекаде во државата“, рече Филипче.
Тој додаде дека наместо транспарентност и отчетност, владата на ВМРО-ДПМНЕ ги користи државните институции за политичка пропаганда.
„Исплаќаат луѓе да ги поддржуваат преку јавните мрежи, преку државни институции. Видовме колку луѓе биле исплаќани преку Лотарија. Следат списоци од скоро сите министерства и за одбрана, и за надворешни работи. Ќе видите тоа каков скандал е, па дали на тоа некој од власта ќе одговори“, изјави Филипче.
