Соопшение за јавност
Претседателот на Социјалдемократскиот сојуз на Македонија, д-р Венко Филипче, на денешната прес-конференција на која најави дека пратеничката група на СДСМ ќе поднесе предлог законски решенија за минимална плата од 600 евра и замрзнати плати за функционерите, порача дека обезбедувањето достоинствена плата е клучно за задржување на младите во државата и спречување на иселувањето. Филипче посочи дека власта не покажа никаква грижа за подобрување на животниот стандард на граѓаните, на работниците.
„Не може да има пари за тендери на оваа тендер коалиција, не може да има пари за непотребни трошоци, а да нема за тоа што вистински треба, а тоа е за стандардот на граѓаните.Потрошувачката кошничка и цените растат, инфлацијата исто така, таа го јаде сериозно стандардот. Ние денес имаме практично најниска минимална плата во регионот. Пораснаа платите и во Албанија и во Србија и во Косово и во Црна Гора, само кај нас тоа не е случај, владата едноставно досега не води никаква грижа. Само уште еден аргумент за младите кои што иднината ја гледаат надвор од земјата, сметам дека тоа треба да се запре“, изјави Филипче.
Тој додаде дека поради се потешката економска состојба, растот на цените и драстично намалениот животен стандард, СДСМ подготви нови законски решенија што ќе ги поднесе во Собранието.
„Подготвивме нови законски решенија кои што ќе ги поднесеме во Собранието. Прво, Предлог на Закон за измени на законот за минимална плата, при што предлагаме зголемување на минималната плата во вредност од 600 евра во нето износ, како и замрзнување на платите на функционерите“, рече Филипче.
На прес-конференцијата Филипче потсети дека овие политики се континуитет на мерките што СДСМ ги спроведуваше и додека беше на власт.
„Со ова одржуваме континуитет на нашите политики од време кога СДСМ ја водеше владата, кога платите,минималната и просечната растеа во континуитет, дури и во ситуација на многу тешки кризи. Истовремено ги поддржуваме и барањата на работниците и Сојузот на синдикати“, рече Филипче.

