Соопштение за јавност
ДЕА доставила податоци за скандалот со 5 тони дрога од Македонија, затоа е паниката во власта а премиерот Христијан Мицкоски и понатаму молчи за најголемата заплена на марихуана во регионот.
„СДСМ веќе со денови предупредува на последните настани поврзани со најголемата заплена на марихуана во регионот: 5 тони дрога во соседна Србија, која потекнува од Македонија. Ова е скандал од огромни размери кој го открива длабокиот криминал на актуелната власт предводена од ВМРО и Христијан Мицкоски“, рече Александар Саша Димитријевиќ, генерален секретар на СДСМ, на денешната прес-конференција.
Тој посочи дека, според неофицијални информации од медиумите во Србија, обвинителствата во Србија и во Македонија добиле клучни податоци од Американската агенција за борба против дрога, ДЕА, што дополнително ја зголемува сериозноста на случајот.
„Поради оваа меѓународна соработка, премиерот Мицкоски веќе една недела нема одговор на клучното прашање: како 5 тони марихуана успеале да ја преминат границата, да излезат од Македонија и да влезат во Србија? Овој молк не е случаен, туку индикатор дека во тврдењата има вистина. Фактите укажуваат дека без поддршка на структури во власта, МВР, царината и други институции, ваква огромна шверцерска операција би била невозможна. Затоа е паниката во власта. Наместо да се соочат со фактите, тие водат медиумска кампања за дефокусирање на јавноста од енормните количини запленета дрога, рече Димитријевиќ.

