Филипче: Врв на безобразие, нема пари за плати има за авион

Facebook
Twitter
LinkedIn

Соопштение за јавност

Претседателот на СДСМ, Венко Филипче, денеска во Собранието, одговарајќи на новинарско прашање, остро ја критикуваше Владата за најавата за купување нов владин авион, во услови кога граѓаните и работниците се соочуваат со сериозни егзистенцијални проблеми.

„Ова воопшто не зачудува, затоа што власта досега покажа со сѐ досега дека се грижи само за себе. Како може да ги остави тие луѓе така да некој друг ги менаџира работиве. Па, одговорна власт се грижи за сѐ, најмногу за квалитетот на животот на граѓаните“, истакна Филипче.

Филипче нагласи дека додека работниците протестираат и бараат повисоки плати за да можат да врзат крај со крај, власта најавува луксузирање и трошење народни пари за нов авион.

„Мене не ме изненадува тоа што они најавуваат купување на нов владин авион. Тие не се грижат за тоа каков немир ќе направат во различни социјални слоеви во државата кога луѓе надвор протестираат за поголема плата, да врзат крај со крај во месецот, тие ќе се луксузираат. Ова комплетно личи на нив“, порача Филипче.

Претседателот на СДСМ додаде дека ваквото однесување е уште една потврда дека станува збор за неодговорна власт која ја изолира земјата, го блокира евроинтегративниот пат и не одговара за коруптивните скандали.

„Максимално го осудувам ова и сметам дека не се добра власт и тоа го кажуваме секој ден врз основа на повеќе параметри, што ја изолираа земјата, што измислуваат проблеми за да не го продолжиме евроинтегративниот пат напред, тоа што не одговараат за коруптивните скандали на претставници на власта. Напротив, тие се наградуваат, се промовираат во високи партиски луѓе што добиваат 161 тендер државни пари. Па кај го има тоа? Штрајкуваат надвор работници они вчера најавуваат купување нов владин авион. Кој е тој анти степен на безобразие. Ова не личи на ништо“, заклучи Филипче.