Ристески: ВМРО-ОКГ одбележа 4 години и 100 дена неработење во Аеродром

Facebook
Twitter
LinkedIn

Прес конференција на СДСМ, Милутин Ристески, советник во Советот и претседател на ОО СДСМ Аеродром

И по 100 дена од вториот последователен мандат на ВМРО-ОКГ во Општина Аеродром, градоначалникот Дејан Митески се фали со стари проекти и тековни активности. Тоа се нови 100 дена неработење и целосно отсуство на слух за потребите на граѓаните.

И по 100 дена од новиот мандат Митески се фали со новите објекти на училиштето Блаже Конески и градинката Изворче во Стар Аеродром, направени со средства обезбедени од Владата на СДСМ уште во Буџетот за 2024 година.

Ветувањето за изградба на 4 градинки е заменето со ново за изградба на 5 градинки во Аеродром. Се разбира, за 4 години и 100 дена ниту една од овие градинки не е започната да се гради.

И по 100 дена уште се фали со еднократната помош за новороденче воведена во мандатот на Ивица Коневски, а зголемена од 5.000 на 8.000 денари во мандатот на Златко Марин. При тоа ветувањето за новото зголемување од 20.000 денари исчезна во заборав.

Од програмата на ОКГ за Аеродром мистериозно исчезнаа и ветените 3.000 нови паркинг места и велопатеките на секоја улица.

Нечистотија на секој чекор. Шампонот од 72-та часа чистење на Орце Ѓорѓиевски не стигна до Аеродром. Ѓубрето од преполните контејнери со првиот ветер завршува по парковите, тротоарите и улиците правејќи диви депонии на секој чекор.

Општината тоне во долгови, училиштата и градинките должат милионски суми за сметките за струја, парно, водовод и комуникациски услуги.

Општинската каса е празна, 4 месеци по изборите се уште не се исплатени ни средствата за членовите на избирачките одбори од локалните избори.

Скратени се и средствата за еднократна парична помош за социјално ранливите категории на граѓани од 1 милион на 440 илјади денари.

Пирамидалните тендерски шеми функционираат како никогаш до сега. Дури 22 тендери со вкупна вредност од 11 милиони евра за само 4 години се доделени на една иста фирма. Повеќе од месец дена од објавувањето на овој скандал од страна на АКТ на СДСМ, Општината молчи на оваа тема. Молчат и институциите кои имаат обврска да го испитаат случајот заради можната корупција.

Судејќи по почетокот на овој мандат, со жалење морам да заклучам дека нѐ чекаат нови 4 години неработење и евтина пропаганда од Митески и ВМРО-ОКГ во Аеродром.

СДСМ будно ќе го следи неработењето на градоначалникот и постојано ќе потсетува на сите нереализирани ветувања.

Граѓаните имаат право да знаат како се трошат нивните пари. Граѓаните заслужуваат чиста и уредна општина, а не нови 4 години лаги и празни ветувања.