Филипче: Историски пад од 61% на странските инвестиции во 2025 година, дебакл на Мицкоски

Facebook
Twitter
LinkedIn

Соопштение за јавност

Со Христијан Мицкоски на чело на Владата, странските инвестиции во 2025 година се намалени за огромни 729 милиони евра во споредба со 2024-та година, тоа е резултатот на економската политика на оваа влада, едноставно дебакл, нагласи претседателот на Социјалдемократскиот сојуз на Македонија, д-р Венко Филипче, на денешната прес-конференција. Филипче посочи дека македонската економија тоне, а граѓаните едвај врзуваат крај со крај.

„На економски план се случуваат консекутивни работи коишто ние ги најавивме и на коишто укажуваме. Последните податоци од Народната банка покажуваат драматичен пад на директните странски инвестиции од, внимавајте, 61%. Односно, во 2024 година, како резултат на сите економски политики од Владата на СДСМ изминатите седум години, има кулминација и највисока рекордна вредност на директни странски инвестиции од 1.196.000.000 евра, а сега во 2025-та година само 467 милиони евра. И тоа е практично резултатот на економската политика на оваа Влада на премиерот – едноставно дебакл, рече Филипче.

Тој додаде дека овие бројки се сериозен удар врз екномијата но и врз намалување на бројот на работни места.

„Бројките не се само бројки на хартија, тие означуваат работни места, означуваат благосостојба, означуваат квалитетен живот за огромен број работници. Што сега се случува? Историски пад на инвестициите и губење на работните места. Германскиот гигант Актив официјално потврди дека се повлекува од Скопје, оставајќи 400–500 работници без работа. Во фабриката Дура се кратат производни линии, Магна го стопираше своето претходно најавено ширење, практично илјадници работни места се под ризик“, рече Филипче.

На прес- конференцијата, Филипче потсети дека во перидот на владите на СДСМ благодарение на правилните политики растеше нивото на странски инвестиции а паралелно и отворањето на нови работни места.

„За време на владите на СДСМ, 16 нови фабрики се отворија како резултат на директни странски инвестиции – гиганти како Гересхајмер, Магна, Леар, ДНЗ. Се генерираа над 10.000 работни места само во технолошко-индустриските развојни зони. Разликата е кристално јасна, ние отвoравме фабрики, се отвoраа работни места со добри и високи плати, а сега работниците се оставени во ризик и со егзистенцијални проблеми“, рече Филипче.