Соопштение за јавност
Претседателот на СДСМ, д-р Венко Филипче на денешната прес-конференција предупреди дека премиерот Мицкоски, свесно работи на изолација на државата. Филипче посочи дека наместо вистински реформски процеси и напредок кон Европската Унија, власта ја оттурнува државата од европскиот пат.
„Зборува за спроведени реформи, се поставува прашањето за кои реформи кога ниту еден закон од областа на правосудството минатата година од реформската агенда не беше донесен. Само еден во кој што се направени измени кои се спротивни на препораките на Оценската мисија. Дали ќе зборува за тој закон, донесен спротивно на препораките на Европската Унија. Да преведам, ако некој не разбрал премиерот работи на изолација на државата“, рече Филипче.
Тој додаде дека политиките на премиерот Мицкоски се само продолжение на манипулативниот пристап на власта и свесно креирање на антиевропска клима во државата.
„Исто како што лажеше дека ќе го врати името, дека ќе го врати ФИРОМ со тоа да не бидеме НАТО држава. Неговиот манипулативен ПР тим сега мора да внимава на секоја реченица но како што гледате ништо не може да промакне. Знаеме со кого имаме работа, сепак тоа е една сериозна организирана криминална група. ВМРО и медиумите кои им се под контрола преку Орбан тера сериозна антиевропска кампања“, рече Филипче.
Притоа, Филипче укажа дека наместо исполнување на обврските кои произлегуваат од европскиот процес, власта намерно создава тензии и ги манипулира граѓаните.
„Наместо да ги исполнат реформите и уставните измени коишто се однесуваат на внесување на други малцинства, како што бара Европа, тие создаваат намерни конфликти и шират некакви лаги за бугарска завера. И тоа е еден веќе виден стар, добар рецепт за да се задржи власта, а притоа жртвувајќи ја иднината на државата и на граѓаните“, рече Филипче.

