Филипче: Ценовната спирала е веќе активирана – штетата врз граѓаните е 4,5 милиони евра

Facebook
Twitter
LinkedIn

Соопштение за јавност

Наместо навремена реакција, Владата дозволи цените на горивата да ја активираат спиралата на раст на цените на сите производи, најмногу на храната, нагласи претседателот на СДСМ, д-р Венко Филипче, на денешната прес-конференција. Филипче посочи дека досегашните покачувања на цените ги чинеа граѓаните околу 4,5 милиони евра.

„Толку пари досега дадоа граѓаните повеќе, од кога почна кризата. Се поставува прашањето што чекаше премиерот Мицкоски три недели? Сè поскапе затоа што не реагираше на време. Три недели владата ги остави граѓаните сами“, рече Филипче

Тој додаде дека веќе има драстично покачување на цените на основните прехранбени производи, а власта денеска не даде мерка за намалување на овие цени.

„Започнати се веќе поскапувањата, маслото за јадење е над 100 денари, јајцата над 300 денари, зеленчукот и овошјето над 100 денари за килограм. И сега нема мерка за намалување на цените на храната. Овие цени кога еднаш ќе се покачат тие повеќе нема да се вратат назад“, рече Филипче.

Притоа, Филипче посочи дека наместо реални мерки со кои ќе се ублажат ценовните шокови и од горивата и од храната, владата се шета на трошок на граѓаните и се занимава со дефокус од реалните проблеми.

„Се прашувам со кое лице без срам излезе премиерот пред граѓаните со само една половична мерка. За да ни зборува колкави се цените на горивата во соседството? Па со што се занимаваше премиерот изминатите три недели – со прослави на ЕПП на трошок на граѓаните, продолжен викенд, со спинови, дефокус, навреди, недоличен речник, напади врз мене, лично до опозицијата и секако со лагите дека сме биле четврта економија во светот“, рече Филипче.