Соопштение за јавност
Претседателот на Социјалдемократскиот сојуз на Македонија, д-р Венко Филипче, во одговор на новинарско прашање, најави дека на утрешната седница на Централниот одбор на СДСМ, ќе биде презентирана новата предлог-програма на партијата која содржи конкретни мерки и политики за граѓаните, како и планираните активности поврзани со претстојниот Конгрес и меѓународната соработка со сестринските партии на СДСМ.
„На утрешниот Централен одбор, освен неколку редовни точки во однос на информирањето на членови на Централниот одбор, јас ќе ја презентирам новата предлог програма на партијата, на која што ќе работат и членови на Централниот одбор во следниот период, а која што е подготвена од стручните комисии во различни области, од сите сфери, за да граѓаните знаат какви политики ние ќе предлагаме последниот период“, рече Филипче.
Тој посочи дека процесот на креирање на програмата ќе заврши со нејзино усвојување на партискиот Конгрес, кој ќе се одржи во јуни, при што ќе му претходи значаен меѓународен настан со сестринските партии.
„Тоа ќе биде процес кој што ќе заврши и ќе се финализира со усвојување на таа програма на Конгресот, кој што ќе содржи на 7 јуни. На Конгресот еден ден претходно ќе му претходи меѓународниот состанок „Скопска иницијатива“ со регионалните сестрински партии, со кои што ќе потпишеме заедничка платформа за борба против авторитарни режими, борба со корупција и европска интеграција на регионот, бидејќи очигледно е дека сите се соочуваме со истиот предизвик“, рече Филипче.
