Прес конференција на СДСМ, Андреј Жерновски – Секретар за меѓународна соработка на СДСМ
Добар ден, претставници на медиумите. Благодарам за присуството и што денеска ќе ги пренесете ставовите на СДСМ за едно исклучително важно прашање, прашање коешто ние упорно го објаснувавме во јавноста, а деновиве добивме потврда и на меѓународни размери за тоа зошто го зборуваме тоа и дали сме во право.
Христијан Мицкоски не само што ја турка Македонија во изолација и, за жал, успеа во тоа, туку опасно ја турна државата во скутот на Виктор Орбан. Зошто? Секако поради бизнис интересите кои ги поврзуваат нив двајца.
Зошто е ова битно за иднината на државата и зошто СДСМ упорно настојува да дискутира за ова, за на граѓаните да им биде јасно што се случува? Политичкиот проект на Мицкоски, којшто овозможи преку Орбан да имаме директно странско мешање во Македонија, да имаме дезинформации, да имаме нетранспарентни и крајно сомнителни финансиски текови и, се разбира, рушење на стратешката позиција која толку тешко ја стекнавме.
Накратко, што се случува? Две поенти.
Оддалечување на државата од Европската Унија и туркање на државата, на крајот на денот, во скутот на Русија.
Дека сето ова е точно што го зборува СДСМ, добивме потврда и од реномираниот „Вашингтон пост“, којшто објави фрапантни податоци, потврдени од министерот за надворешни работи на Унгарија, Сијарто, а потоа потврдени и од самиот Сијарто, дека за клучните одлуки коишто се дискутираат во Европската Унија, Сијарто, Орбан и Унгарија се консултирале со Путин.
Дали сега станува јасно за што цело време зборува СДСМ?
Значи, да бидеме прецизни: Орбан е пријател на Путин и на Русија, а пријателот на пријателот на Русија, со име Христијан и презиме Мицкоски, е прокси играчот на Русија во овој регион.
Ете зошто и на кого мислеше еврокомесарката за проширување кога зборуваше за тројански коњи и дека нема да дозволи такво влијание да влезе преку некоја земја кандидат.
Сега јасно е на кого мислеше.
Ова не е само стратешко прашање за нашата држава. Ова е безбедносно прашање и, се разбира, прашање во нашата борба против криминалот и корупцијата.
Понатаму, да бидеме многу конкретни. Сè е поврзано – Орбан и Мицкоски, Мицкоски и Орбан. Блиско бизнис-пријателство.
Една милијарда евра од Унгарија. Во исто време кога Унгарија дава кредитна линија за нашата држава, таа се задолжува од Кина за истата сума – 1 милијарда евра. Јасно ли е сега од каде е потеклото на парите?
Потоа, унгарскиот телеком, кој го води човек близок до Орбан.
Потоа, 40% од медиумите кои се под контрола на мрежата на Орбан.
Да не заборавиме и на влезот во енергетиката во Македонија преку ќерка-фирма на унгарската „Статус Енерџи КФТ“.
И на крајот, она што го гледаме деновиве – известителот на Европскиот парламент, Вајц, подава рака на оваа влада, подава рака да излеземе од оваа изолација, да не одиме во скутот на Орбан и на Путин.
Меѓутоа, се разбира, Мицкоски не го прифаќа ова, затоа што не му одговара.
За жал, имаме состојба во која Брисел повеќе сака да ја види Македонија во Европската Унија отколку нашата влада.
Нормално ли е сето тоа да се случува?
За жал, владата на Мицкоски нема ништо да направи и ние мораме да бидеме јасни во тоа и јасно како опозиција да го кажуваме.
Заклучокот е: нема напредок по европскиот пат – има изолација.
Да порачам на крајот, од име на СДСМ, јасно и гласно: Мицкоски клечеше и молеше за власт, лажејќи го народот дека ќе го промени името, а сега лаже за сè. Меѓутоа, сега поради него Македонија е на колена.
Ние мора да го промениме тоа.


