Соопштение за јавност
Членството во ЕУ е инструмент за подобар живот, порача претседателот на СДСМ, Венко Филипче, на денешната заедничка прес-конференција со претседателот на СДП Хрватска, Синиша Хајдаш Дончиќ.
Филипче посочи дека Европската унија не треба да се гледа како крајна цел, туку како средство за подобрување на квалитетот на живот.
„Практично Европската унија да не ја гледаме како наша стратешка цел, туку како инструмент да стигнеме до нашата стратешка цел, а наша стратешка цел е да живееме подобро, поквалитетно, во добри, средени, урбани средини, да има можности за младите, да има високи плати, да има квалитетен живот, младите да не заминуваат од земјата, а старите да имаат достоинствени пензионерски денови“, рече Филипче.
Во таа насока, тој истакна дека придобивките од членството во ЕУ се клучни за развојот.
„Колку сте помалку развиени, толку имате поголем процент од европските фондови. И тоа што сега ние не можеме да го направиме, празни места, празни локации, поранешни фабрики – во Хрватска прераснуваат во културни центри, спортски сали, сали за концерти, сали за соодветни активности за деца, за кино-проекции за возрасни и пензионери, луѓе коишто благодарение на европските фондови се платени да се грижат за пензионерите. И тоа е тоа што Европската унија вистински квалитативно го нуди, да го подобриме нашиот живот, поради тоа што, немајќи ги тие кохезиски фондови, ние практично сме оставени на немилост. Значи, ја гледаме Европската унија како инструмент да стигнеме до нашата стратешка цел“, порача Филипче.
Претседателот на СДСМ оцени дека за жал во Македонија има влада која ништо не прави за членство во ЕУ.
„Жал ми е што имаме влада којашто ништо не прави на таа тема. Сметам дека тоа што сме некако поданички наместени во односите со Србија, Унгарија и практично Русија, не нѐ води никаде. Оваа стагнација, немањето развој, не му носи добро на никого.“ рече претседателот на СДСМ, Венко Филипче.


