Соопштение за јавност
Претседателот на СДСМ, Венко Филипче, во одговор на новинарско прашање истакна дека владината коалиција е нестабилна и дека движењето ЗНАМ постепено се распаѓа.
„Очигледно е дека партијата ЗНАМ, коешто е предавничко движење, луѓе коишто ја предадоа партијата за свои сопствени финансиски интереси, неколку луѓе на врвот на партијата, и се подизведувачи на ВМРО-ДПМНЕ во овие антинародни и спротивно на националните интереси политики, постепено се распаѓа“, рече Филипче.
Тој посочи дека граѓаните веќе ја препознаваат вистината и дека се чувствуваат изневерени.
„Луѓето очигледно мислеле едно дека ќе биде, но се покажало дека е друго. Ние на тоа предупредивме уште за време на кампањата во 2024 година, но имаше голем број на луѓе коишто тогаш беа разочарани од СДСМ, го дадоа гласот за ЗНАМ и сфатија дека биле прелажени“, истакна Филипче.
Претседателот на СДСМ нагласи дека вратите на партијата се отворени за сите.
„Затоа на тие луѓе сега им е отворена вратата, не само сега, туку и во изминатиот период и ќе биде и понатаму, да знаат дека ова им е матичната партија којашто никогаш не отстапила од главните идеолошки вредносни политики коишто се тука градени и имплементирани со децении“, порача Филипче.
Тој додаде дека актуелната власт го блокира развојот на државата и носи штетни политики.
„Не може да мислат луѓето како Христијан Мицкоски и Максим Димитриевски дека некој само ќе седи во Собрание и ќе дига рака додека тие тераат бизниси. А блокиран е европскиот пат. Не се гласаат закони за раст на минималната плата. Не се гласаат закони за повеќе пари во земјоделството. Се носи страшен дискриминирачки, противуставен закон за високото образование. Ништо не се случува во здравството. Луѓето не се најадени“, нагласи Филипче.


