Соопштение за јавност
Со Мицкоски и неговата организирана криминална група нема членство во Европската Унија, нагласи претседателот на СДСМ, д-р Венко Филипче, на денешната прес-конференција. Филипче посочи дека изјавата на премиерот Мицкоски дека бил подготвен да чека со децении за влез на Македонија во ЕУ, значи свесно откажување од европската иднина, држење на државата во изолација и сиромаштија.
„Тоа значи, децении загарантирана сиромаштија, загубени генерации поради засилено иселување на младите, карта во еден правец за македонската младост. Значи децении криминал и корупција без никаква контрола. Значи тонење во калта на Мицкоски и неговата криминална банда“, рече Филипче.
Тој додаде дека Мицкоски со часовници од 60.000 евра и со бизнис мрежа во тендерска групација може да чека и да посакува децениска изолација, но народот не може да чека и не смее да биде заложник на неговите криминалните политики.
„Бизнисменот Мицкоски може да чека. Ама напатениот народ и работниците кои едвај врзуваат крај со крај, со ниски плати и високи цени, не можат и не смеат и нема да чекаат. За спас многу наши граѓани ќе бидат принудени како тоа што веќе го прават да вадат бугарски пасоши. Ќе останеме и без држава и без народ. Целта е тие да си делат криминални тендери, да грабаат народни пари, а народот да пати и да плати. И тоа така со децении“, рече Филипче.

