Соопштение за јавност
Апелирам владата да се свести, премиерот Мицкоски да почне да живее во реалноста тука кај нас, да престане вака дилетантски да ја води владата, нагласи претседателот на СДСМ, д-р Венко Филипче, на денешната прес-конференција. Филипче посочи дека граѓаните очекуваат помош, и потребен е сет мерки за да можат да се справат со оваа криза и ценовни шокови.
„Апелирам владата да се свести, премиерот да почне да живее во реалноста тука кај нас, да престане вака дилетантски да ја води владата, да барем малку се замисли, помисли како живеат граѓаните и да ги прифати нашите предлог-мерки, пакет на мерки, сега, иако е касно, колку толку ќе имаат некој ефект. Да ги прифатеше пред неколку недели, немаше да има вакви ценовни шокови за граѓаните, ниту пак други продукти и други сегменти ќе беа во ризик да поскапат цените, како што е тоа случај сега“, рече Филипче.
Притоа тој додаде дека меѓународните организации веќе регистрираат раст на цените на храната во сите категории, што ќе се прелее и во Македонија.
„Организацијата за храна и земјоделство на Обединетите нации, ФАО, излезе со податоци за раст на цените на храната втор месец по ред. Ако имаме предвид дека поради проблемот со транспорт преку Ормутскиот теснец и транспортот е загрозен на вештачките ѓубрива за земјоделството, тоа значи дека во следниот период, тоа е дополнителен фактор, а сега е период на сеидба, кој што ќе влијае на зголемување на цените на храната. Индексот на цените на житарките се зголемил за 1,5%, во споредба со февруари,на растителни масла за 5,1%, најголем раст има кај шеќерот, чии цени се зголемени за 7,2%. Пораст на индексот на цени ФАО регистрира и кај месото и кај млечните производи“, рече Филипче.
Воедно, Филипче укажа дека Европската Унија најаваува продолжен енергетски шок и можен недостиг на горива, а нашата влада се фали дека странски граѓани точат гориво во Македонија.
„Нашата влада седи и чека, Мицкоски се фали дека странски граѓани точеле гориво кај нас, во ситуација кога Комесарот за енергетика на Европската Унија, Ден Јургенсен, најавува продолжен енергетски шок и можен недостаток на количини на горива насекаде во Европа. Значи не само високи цени, туку недостаток на количини на горива“, рече Филипче.


