Соопштение за јавност
Премиерот Христијан Мицкоски со своите политики директно ги предава македонските национални интереси и ја затвора европската перспектива на државата – порача претседателот на СДСМ, Венко Филипче.
Филипче нагласи дека реториката на Мицкоски за наводно „клекнување“ е празна и манипулативна.
„Нека излезе премиерот и нека каже што точно е предавство на националните интереси. Кој идентитет е загрозен? Со што се загрозени македонските позиции? Нема одговор, затоа што такво нешто не постои“, истакна Филипче.
Тој потсети дека самата власт веќе признава дека нема ништо спорно во вклучувањето на Бугарите и другите заедници во Уставот, што дополнително ја разобличува дволичната политика на Мицкоски.
„Мицкоски ветуваше дека ќе ги поништи договорите, дека ќе го врати името, дека ќе ја смени надворешната политика. Денес, ништо од тоа не прави. Зошто? Затоа што знае дека лажел и дека ниту идентитетот, ниту националните интереси не биле загрозени“, нагласи Филипче.
Вистинскиот проблем е што Владата свесно ја блокира европската интеграција, доаде тој.
„Во момент кога вратата кон Европската Унија е отворена, кога генерации чекале оваа шанса, Мицкоски одлучува да не направи ниту еден чекор напред. Тоа е вистинското предавство“, истакна Филипче.
Претседтаелот Филипче потенцираше дека причините за ваквото однесување се јасни – лични и бизнис интереси, како и влијание од надвор.
„Оваа политика е одработување за туѓи интереси. За држави кои немаат интерес Македонија да биде дел од Европа. Тоа е директно спротивно на стратешките цели на граѓаните“, рече Филипче.
Филипче предупреди дека поради ваквите политики државата стагнира, додека во исто време власта се занимава со партизација и корупција.
„Нема мерки, нема резултати, нема визија. Наместо тоа, имаме брутална партизација, корупција и економски притисок врз граѓаните“, нагласи Филипче.



