Прес конференција на претседателот на СДСМ, д-р Венко Филипче
Граѓаните на Унгарија јасно и гласно рекоа: ДОСТА Е од автократија!
Ова е голема, историска победа на демократијата над автократијата, на Европа над руското и кинеското влијание и на владеењето на правото над корупцијата.
Историската победа во Унгарија испраќа јасна порака до целиот регион: времето на автократите завршува. Паѓаат автократските режими. Следен е тој во Србија, па после тоа на Мицкоски кај нас.
Регионот припаѓа на Европа, а не на Русија. Доаѓа време на правда и одговорност.
Се потврди се она што го говориме подолго време наназад.
Зошто е ова многу важно за Македонија?
Владата на Христијан Мицкоски ги стави стратешките интереси на Македонија во рацете на Орбан, не за државата, туку за свои лични и бизнис интереси.
Не ги стави во рацете на Унгарија, не ги стави за доброто на Македонија – ги стави во рацете на бизнисмени, блиски луѓе на човекот кој сега веќе не е на власт, и не за доброто на државата, туку за свои лични интереси.
Телекомуникации, енергетика, медиуми, финансии – сè беше поврзано со кругот на Орбан.
Македонија веќе со години е во медиумски мрак поради медиумите контролирани од Орбан, со кои директно управува ВМРО.
Резултатот: политичка алатка на Мицкоски и ВМРО за лажни вести, измислени афери и деноноќни напади против СДСМ и мене лично.
И додека ние предупредувавме дека режимот на Орбан ќе падне, ВМРО панично ја засилуваше црната кампања, обидувајќи се да дефокусира и да го оттргне вниманието на јавноста.
Денес, кога Орбан веќе падна, паниката кај ВМРО е очигледна. Медиумите под нивна контрола веќе почнаа да ја намалуваат важноста на победата на новата демократска влада во Унгарија.
Ботовите на социјалните мрежи работат со полна пареа, исмевајќи ја победата на Европа над авторитаризмот.
Но вистината излегува на виделина.
Доаѓа време на вистината и за бизнис врските помеѓу Мицкоски и Орбан.
Од кога Мицкоски и ВМРО се на власт, Орбан ја користеше Македонија како своја приватна колонија за политички и финансиски интереси.
Медиумска империја:
Скоро 40% од медиумите потврдено и докажано и од независни истражувачки новинари, не наши локални, од Европа, се под директна контрола на луѓето на Орбан. Преку свои блиски бизнисмени (Петер Шац и Агнеш Адамик) Орбан купи и контролира огромен број на медиуми кои се во служба на ВМРО и Мицкоски. И тие се пропагандна машина во Македонија за црни кампањи, за ширење лажни вести и ширење на анти-европскиот наратив.
Телекомуникации:
Орбановата компанија 4iG доби лиценца за мобилен оператор во Македонија. Со оваа лиценца влегоа во 5G мрежата и добија можност да ги поврзат медиумите, платформите и инфраструктурата во единствена контрола, исто како што Орбан го правеше во Унгарија а Вучиќ тоа го прави во Србија.
Енергетика и инфраструктура:
Преку тајни договори и посредници, Орбановиот круг имаше влијание и во енергетскиот сектор и во железницата.
На бизнисот во енергетиката, последно преку фирма „Статус Енерџи “, која што влезе во стратегијата за енергетски развој на земјава, оваа година, ќерка-фирма на унгарската Status Energy KFT дел од Status Energy Private Equity Fund и е индиректно поврзана со Виктор Орбан преку сопственичка структура што ја вклучува OPUS Global, компанија контролирана од Лоринц Месарош (Mészáros Lőrinc) негов близок соработник. И овие проекти беа дел од пошироката стратегија за економско влијание на Балканот.
Следно, кредити односно финансии.
Една милијарда евра, кинески пари, потврдено во соопштение во рапорт на Европскиот Парламент на владата на Мицкоски под таканаречени пријателски услови, кои што ќе ги отплаќаат нашите внуци.
Овие пари доаѓаа како дел од пакет за политичка и медиумска поддршка.
Следно, пријателот на Мицкоски, Орбан, на почетокот беше скриена, а во последно време јавна рака на Русија во Европа и НАТО.
И сега кога Орбан паѓа, сите овие тајни договори, бизнис комбинации ќе излезат на виделина. Нема повеќе заштита од Орбан, нема повеќе таен план.
Сега ќе мора Мицкоски да најде друг начин како ќе ги финансира своите медиуми да шират лажна кампања, и за тоа веројатно за тоа ќе ги користи парите коишто ги тренираат преку свои блиски фирми од буџетот, практично од парите на граѓаните.
Доаѓа време за одговорност. Сите овие договори мора да бидат детално истражени. Граѓаните на Македонија мора да знаат кој точно стои зад медиумите, телекомуникациите, кредитите, инфраструктурата и сите одлуки што се носени во нивно име.
СДСМ ќе бара целосна истрага на сите бизнис комбинации меѓу Орбан и Мицкоски. Антикорупцискиот тим на партијата веќе интензивно работи на откривање на сите криминално коруптивни дејства на режимот на тендер коалицијата ВМРО организираната криминална група заедно со ЗНАМ во чело со Христијан Мицкоски. Доаѓа време за вистина, за правда и за одговорност.
Историската победа на Тиса и Петар Маѓар во Унгарија донесоа крај на уште еден долгогодишен срам за Македонија. Мицкоски години наназад ја градеше својата политичка кариера со лажни ветувања и со поддршката од Орбан и Вучиќ. Сега се поставува следното прашање, што ќе прави Никола Груевски, осудениот бегалец и симбол на корупција и злоупотреба на власта, кога повеќе нема заштитник во Будимпешта?
Години наназад уживаше гостопримство од Виктор Орбан кој го штитеше од правдата. Ќе бега ли на друго место, во Русија или во некоја друга земја или ќе се врати тука да ја отслужи казната?
Ја поздравувам јасната и недвосмислена порака на новиот унгарски премиер Петар Маѓар од вчерашната прес конференција. Новата унгарска власт повеќе нема да обезбедува засолниште на луѓето кои бегаат од правдата.
Маѓар експлицитно наведе дека Унгарија ќе ги испорача оние кои се кријат на нејзина територија и директно го означи Никола Груевски како криминалец. Ова е конечен крај на ерата во која Будимпешта беше безбедно засолниште за сите осудени корумпирани криминалци.
Бидејќи движењето ЗНАМ веќе честиташе на победата на новиот унгарски премиер, сега го поставуваме следното прашање, има ли барање за екстрадиција досега оваа влада на ВМРО и ЗНАМ поднесено за враќање на Никола Груевски. Доколку нема, зошто нема?
И доколку нема, дали денеска, во текот на денот после изјавата на новиот унгарски премиер ќе поднесат барање за екстрадиција на Никола Груевски во земјата. Правдата колку и да доцни, на крајот секогаш стига. Време е за правда.
Време е за Европа кај нас и во цела регион.

