Соопштение за јавност
Претседателот на СДСМ, Венко Филипче, на денешната прес-конференција рече дека по падот на режимот на Виктор Орбан е очигледна паниката кај ВМРО и медиумите под нивна контрола.
„Денес, кога Орбан веќе падна, паниката кај ВМРО е очигледна. Медиумите под нивна контрола веќе почнаа да ја намалуваат важноста на победата на новата демократска влада во Унгарија. Ботовите на социјалните мрежи работат со полна пареа, исмевајќи ја победата на Европа над авторитаризмот.“ рече Филипче.
Тој додаде дека оваа медиумска мрежа е дел од поширок систем на влијание.
„Македонија веќе со години е во медиумски мрак поради медиумите контролирани од Орбан, со кои директно управува ВМРО. Резултатот: политичка алатка на Мицкоски и ВМРО за лажни вести, измислени афери и деноноќни напади против СДСМ и мене лично. Скоро 40% од медиумите, потврдено и од независни европски истражувачки новинари, се под директна контрола на луѓето на Орбан. Преку свои блиски бизнисмени Орбан купи и контролира огромен број на медиуми кои се во служба на ВМРО и Христијан Мицкоски. И тие се пропагандна машина во Македонија за црни кампањи, за ширење лажни вести и ширење на анти-европскиот наратив.“ рече Филипче.
Претседдателот Филипче нагласи дека падот на Орбан ќе ги разоткрие сите овие врски.
„Но вистината излегува на виделина. Доаѓа време на вистината и за бизнис врските помеѓу Мицкоски и Орбан. И сега кога Орбан паѓа, сите овие тајни договори, бизнис комбинации ќе излезат на виделина.“ рече Филипче.
Тој најави дека СДСМ ќе инсистира на одговорност.
„Доаѓа време за одговорност. Сите овие договори мора да бидат детално истражени. Граѓаните на Македонија мора да знаат кој точно стои зад медиумите, телекомуникациите, кредитите, инфраструктурата и сите одлуки што се носени во нивно име. Правдата колку и да доцни, на крајот секогаш стига. Време е за правда. Време е за Европа кај нас и во целиот регион.“ рече претседателот на СДСМ, Венко Филипче.

