Соопштение за јавност
Претседателот на СДСМ, Венко Филипче, на денешната прес-конференција порача дека по промените во Унгарија веќе нема оправдувања и дека власта мора веднаш да побара екстрадиција на Никола Груевски.
„Ја поздравувам јасната и недвосмислена порака на новиот унгарски премиер Петар Маѓар од вчерашната прес конференција. Новата унгарска власт повеќе нема да обезбедува засолниште на луѓето кои бегаат од правдата. Маѓар експлицитно наведе дека Унгарија ќе ги испорача оние кои се кријат на нејзина територија и директно го означи Никола Груевски како криминалец. Ова е конечен крај на ерата во која Будимпешта беше безбедно засолниште за сите осудени корумпирани криминалци“, истакна Филипче.
Тој посочи дека по ова, на потег е актуелната власт во Македонија, особено министерот за правда од ЗНАМ.
„Бидејќи движењето ЗНАМ веќе честиташе на победата на новиот унгарски премиер, сега го поставуваме следното прашање, има ли барање за екстрадиција досега оваа влада на ВМРО и ЗНАМ поднесено за враќање на Никола Груевски. Доколку нема, зошто нема? И доколку нема, дали денеска, во текот на денот после изјавата на новиот унгарски премиер ќе поднесат барање за екстрадиција на Никола Груевски во земјата“, порача Филипче.
Филипче нагласи дека случајот со Груевски е симбол и на политичката заштита што со години ја добивал од Орбан.
„Сега се поставува следното прашање, што ќе прави Никола Груевски, осудениот бегалец и симбол на корупција и злоупотреба на власта, кога повеќе нема заштитник во Будимпешта? Години наназад уживаше гостопримство од Виктор Орбан кој го штитеше од правдата. Ќе бега ли на друго место, во Русија или во некоја друга земја или ќе се врати тука да ја отслужи казната?“, рече Филипче.
Во обраќањето, Филипче потенцираше дека правдата не смее повеќе да се одложува и дека институциите мора да постапат.
„Правдата колку и да доцни, на крајот секогаш стига. Време е за правда. Време е за Европа кај нас и во цела регион“, заклучи Филипче.

